Јовановиќ за Алфа: По растот на јавниот долг, државата да направи стратегија за да не тоне економијата

Јавниот долг засилено се зголемува и достигна скоро 60% од БДП во второто тримесечје. Ова значи дека за само еден квартал задолжувањето пораснало за скоро милијарда евра (967 милиони евра), велат економисти за Алфа. Според екс советникот во министерството за финансии, Баранимир Јовановиќ, државата мора час поскоро, правилно да направи стратегија, ако не сака економијата да тоне уште повеќе. За спас на бизнисот предлагаат воведување на прогресивен данок, односно повеќе да плаќаат луѓето кои заработуваат повеќе, но и фирмите кои прават екстра профит.

– Последните податоци кои излегоа, заклучно вториот квартал од 2020 година, јавниот долг изнесува близу 60% од БДП, тоа е очекувано. Но она што сега е важно да се знае е прашањето кое се поставува, но и ќе се поставува наредниот период, а тоа е како ќе се вратат тие пари, односно како ќе се врати тој долг. Според мене решението е да се воведе прогресивен данок, така што повеќе да плаќаат луѓето кои заработуваат повеќе, но и фирмите кои прават екстра профит, рече за Алфа, Бранимир Јовановиќ, екс советникот во министерството за финансии.

Ако во првиот квартал долгот изнесуваше 5,6 милијарди, сега, истиот надмина 6,5 милијарди. Власта како причина за зголеменото задолжување се правда со пандемијата, кредитите за реализизација на антикризните мерки, но и обезбедување непречено извршување на буџетот, односно покривање на зголемениот дефицит поради пад на приходите.

Она што периодов не смее да се направи според Јовановиќ, е дека државата да не ги покачува останатите даноци, зашто тоа директно ќе удри по обичниот народ, кој и онака не може да закрпи крај со крај, а камо ли да плаќа со пари што ги нема.

– Она што сега не смее да се направи е тоа да нема општо покачување на останатите даноци, како што е на пример стапката на ДДВ, што се повеќе се заговара меѓу блиски кругови на бизнис заедницата, што нема да биде добро. Покачувањето на ДДВ-то ќе биде многу штетно за граѓаните, посебно за нормалното население кое и онака е брз денар, додава Јовановиќ за Алфа.

Аналитичарите предупредуваат дека е неопходен ребаланс на буџетот, дополнителни кратења кај државните институции и ново задолжување на есен, што неминовно ќе значи јавен долг од над 60%.

Иако министерката за финансии рече дека очекува јавниот долг да се задржи на 59,6% од БДП, но тоа не се оствари.

Дека ќе има зголемување на јавниот долг неколку пати предупредуваше и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој уште во април годинава, укажуваше дека за македонската економија постојат три сценарија, но сите водат кон зголемување на јавниот долг, што практично се оствари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста