Денеска на пладне ќе се одржи првата седница на новиот собраниски состав

Собранието денеска на пладне во салата Голема купола ќе ја одржи првата седница на новиот парламентарен состав согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Со седницата ќе претседава претседателот на Собранието во заминување, Талат Џафери.

Според точките на дневиот ред на седницата ќе се изврши избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа ќе следи верификација на мандатите на пратениците во Собранието. Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Македонија.

Со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот, на пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста