VOA за Алфа: САД се подготвува стартот на учебната година
Враќање во училница, предавања онлајн или комбинација од двете. Секоја од сојузните држави, па дури и од општините има различен пристап кон почетокот на новата учебна година.
Претседателот притиска за враќање на класичната настава. Доналд Трамп изјави дека доколку гувернерите не го направат тоа, парите од буџетот за образование треба да одат кај родителите за тие да може да ги испратат своите деца во училиште по нивен избор.
–Мора да ја почитуваме науката и да ги вратиме учениците безбедно назад на училиште со тоа што ќе ги штитиме децата, наставниците, персоналот и семејствата. Мора да сфатиме дека ова има и друга страна, доколку ги држиме надвор од училиште, доколку работата стои и тоа предизвикува смрт. Економска штета и смрт од други причини, смета Трамп.
Од друга страна синдикатот на учителите во САД, кој застапува 1.7 милиони вработени во школскиот систем соопшти дека ќе поддржи штрајк на секое локално училиште кое ќе се спротивстави на мерка која предвидува отворање за редовна настава.
Федералната Влада законски не може да им наложи на сојузните држави како да постапат, па дури и дел од општините имаат ингеренции самите да ја донесат одлуката.
Едни прават подготовки за отворање на училиштата, други преминуваат целосно онлајн.
Има и такви, како општината Ферфакс во Вирџинија, кои им нудат избор на родителите – комбинирани предавања во училница со онлајн настава или пак целосно преку интернет.
Мишел и Џона Голдшлаг се решиле за домашно образование на нивниот 9 годишниот син, а 11 годишната ќерка да оди два дена на училиште, а три дена да посетува настава онлајн.
-Главен фактор беше што таа навистина добива многу енергија од другарите. Таа е блиска со нив. Мислам дека ќе и беше многу ја погоди ако не ги види следната година, вели Џона Голдшлаг, жителка на Вирџинија.
Мариам Ајромло, мајка на две деца, сака и синот и ќерката да останат дома.
-Од здравствен аспект зашто моите родители се постари и помагаат со внуците. Слично е и кај сосетката. Таа е лекарка и не сака да ги изложи пациентите на дополнителен ризик. Друга има сопруг со срцеви проблеми, смета Мириам Ајромло, жителка на Вирџинија.
Овде и наставниците може да одлучат дали сакаат да предаваат во училница или онлајн. Ингер Моран на почетокот сакала да се врати на работа, но потоа почнала да се предомислува.
-Колку повеќе читав за Ковид-19, станував понервозна. Ги замислив учениците како не носат маски цело време, и ја зголемуваат шансата за заразување. Но и другите од персоналот – возачите, хигиеничарите, чуварите, вели Игнер Морган, наставничка по француски јазик.
На само 100-на километри одовде во истата сојузна држава, Вирџинија, има сосема поинакви правила – целосно враќање кон класичната настава.
-Во југозападниот дел од државата има многу рурални области каде нема толку заразени како во понаселените места, вели Чарлс Пајл, од Одделот за образование на Вирџинија.
Оние држави и општини кои се одлучија за отворање на училиштата подготвуваат нови правила кои предвидуваат носење заштитни маски, појадок во училница наместо во кафетерија, и ограничување на контактните игри и спортови.
Во Соединетите Држави има над 55 милиони ученици во основните и во средните училишта.
За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.