Ја чекаа новата вистина, но не ја добија- што го предизвика бесот за „Монструм“?

Што предизвика ваква реакција кај семејствата на обвинетите во „Монструм“? Тие не веруваат дека нивните најблиски се виновни за настаните од Смилковско езеро. А своите сомнежи сигурно ги темелат и на изјавите на премиерот во минатото. Во своите опозициски денови, Зоран Заев говореше дека имало друга вистина за овој случај.

-Со обелоденувањето на вистината за Смилковското езеро или проектот на Владата „Монструм“ како што го нарекоа со кривичната пријава ќе обелодени и болна вистина. Нашата намера не е да ставиме квалификации, но вистината откако ќе ја обелодениме граѓаните ќе знаат што во суштина значи таа, изјави Заев во минатото.

Дури и даваше видување дека тогаш осудените за „Монструм“ лежеле невини во затвор.

-Значи имаше разговори кои што покажуваат дека луѓе кои што се во затвори сега осудени според мое видување тоа што го слушнав, јас не сум обвинител, ниту правник не сум, дека нема докази да се внатре, велеше Заев во минатото.

Обвинетите за кои сега Фатиме Фетаи бара доживотни казни затвор, за премиерот во минатото беа наводно виновни.

-Не ја знаат вистината, ни оние кои се наводно виновни за убиствата во овој процес, и оние кои што ги изгубија животите, односно сега нивните семејства не веруваат дека е така како што е претставено во јавноста, и тие ја сакаат вистината, велеше Заев во минатото.

Револтот кај оние кои протестираа сигурно стана уште поголем, откако Заев како да заборави што зборувал претходно.

-Ако имав информации во изминатите години ќе ги посочев. Никогаш не сум споменал дека друго лице е виновно. Преку читање на пресудите, достапни на тогаш 183 страни, секогаш сум давал одговор на новинарски прашања. Секогаш сум кажувал дека последниот збор е на правосудството. Тие ќе кажат што имаат во врска со случајот, вели Заев сега.

За случајот „Монструм“ во првиот процес во 2014-та година доживотна казна затвор за тероризам добија Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Беа прогласени за виновни за петкратното убиство на младите момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпкоски и 45 годишниот Борче Стевковски.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста