Избрано новото раководство на СДСМ, нова Влада кон средината на јануари

Блискиот соработник на премиерот во заминување Зоран Заев и нов лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и официјално ја доби партиската доверба да биде нов мандатар. На синоќешниот Централен одбор на партијата, беше избрано и ново раководство на Социјал-демократите. Меѓу старо – новите кадри се најдоа и имиња на екс функционери уште од ерата на Бранко Црвенковски.

Нови потпретседатели на партијата од денес се Перо Костадинов, Стефан Богоев, Бисера Костадинова Стојчевска и Фатмир Битиќи кој и досега беше на оваа позиција. Нов генерален секретар е Миле Зечевиќ, нов организациски секретар е Вангел Андрески, а секретар за меѓународна политика, Бојан Маричиќ. Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, го продолжува мандатот кој и го има со изборот на Конгресот.

Во Извршниот одбор на партијата се најдоа и имињата на три докторки – Ана Данева Маркова од Клиниката за гинекологија, директорката на кумановската болница Снежана Захариева и Милена Стевановиќ – актуелен директор на Инфективната клиника. Дел од ИО е и екс градоначалникот Петре Шилегов, а во Одборот влегува и Костадин Костадинов, градоначалник на Струмица и еден од најблиските соработници на Заев. Како поранешен партиски кадар се враќа и доктор Андреј Петров, кој своевремено беше градоначалник на Карпош. Од партијата најавија дека е формиран Совет за креирање и имплементација на политики, на чие чело ќе застане уште еден добро поранешен функционер на СДСМ, Игор Ивановски, поранешен пратеник, потпретседател и генерален секретар на СДСМ.

Новиот мандатар, Ковачевски, најави дека новата Влада ќе стави силен фокус на економијата, пред се на капиталните инвестиции и финансиска поддршка на граѓаните во време на економска и енергетска криза.

„Новата Влада ќе стави силен фокус на економијата, насочени сме кон остварување двојно повисоки стапки на економскиот раст и покачувањето на платите. Трудот на работникот мора да се цени и вреднува. Согласно економските трендови и силината на кризата, ќе се моделираат и финансиските модели за поддршк ана граѓаните и стопанството со цел заштита на ранливите групи граѓани и поддршка на работниците. Финансиската поддршка за сите граѓани и за компаниите ќе продолжи и ќе се зголемува. Како што ќе се креираат мерките за интеревенција поврзани со енергетската криза, за заштита на здравјето и помош во услови на пандемија, така ќе се моделира и засилената финансиска поддршка“, рече Ковачевски.

Од претседателскиот кабинет, пак потврдија дека претседателот на државата Стево Пендаровски утре ќе му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски за состав на нова влада.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста