Пановски: Брзото ширење на омикрон ќе доведе до крај на пандемијата во рок од шест месеци

Оптимистички прогнози на стручната фела – брзото ширење на Омикрон варијантата ќе значи и крај на пандемијата во рок од шест месеци, вели микробиологот Никола Пановски. Тој смета дека најголем дел од случаите, особено младите кои ќе се заразат со новата мутација ќе имаат лесни симптоми на болеста. Сепак, ненавременото носење на рестриктивни мерки значи дека бројот на нови случаи значително ќе се зголемува, а она што загрижува е колку од нив ќе завршат во болница.

„Кај нас има друга стратегија. Ако гледаме што се случи во јули месец, катастрофа, да чекаме да се покачи бројот е доцна. А ги разбирам дека ако направите од 15 декември и ако ништо не се случи, сте делувале на економијата. Меѓутоа ако закасните, ако утре има 600 случаи, 700, готово е, тоа е отидено. Возот тргнат, затоа што после 5 дена ќе имате 1200 случаи, 1500 и мерките веќе стануваат безвредни“, вели професорот Пановски во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ.

Недостигот на унифициран протокол за лекување на пациенти со Ковид 19 и погрешните рестриктивни мерки кои се носеа во интерес на економијата, се причина зошто Македонија се најде на високото трето место во Европа по смртност од корона вирусот, алармира професорот Пановски. Тој вели дека две години од пандемијата здравствените власти не научија кој е вистинскиот начин да му се застане на патот на вирусот.

„Да имате вие смртност од 3,7 проценти, ако се точни бројките, значи имаме мерење на смртноста на милион жители и на тоа сме трети во Европа, после Бугарија и БиХ. И овој процент расте, гледате ние имаме малку случаи нови, но секој ден по 15 починати. И да имате два ипол пати повеќе случаи од Албанија, од Србија и од Косово и да не прашате што е проблемот со нас и да не викнете некој што подобро знае. Да кажете ова вака не оди, дајте луѓе да викнеме некој човек што ќе помогне, од странство нека дојдат пет души“, вели микробиологот Никола Пановски.

Во однос на мерката за задолжително носење на заштитни маска во училиштата, професорот апелира таа да се укине на стартот на второто полугодие, бидејќи според него децата се најмалку изложени на удар на вирусот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста