Италија стави 16 милиони луѓе во карантин – автобусите од турите за 8-ми март утре треба да стигнат на граница

Кога ќе се вратат во Македонија жените кои заминаа да го слават 8-ми март во Италија и дали ќе бидат тестирани на граница? И покрај тоа што многу туристички агенции ги откажаа патувањата во Милано, Венеција и Рим за празникот поради заканата од коронавирусот, сепак останаа уште неколку што ги организираа овие тури. Над 250 Македонци одлучија да патуваат во Италија. Засега е нејасно дали на овие жени ќе им биде дозволено да се вратат дома откако Италија забрани влез и излез од Ломбардија, чиј центар е финансиската престолнина Милано.

Дополнително загрижува и тоа што во Пјаченца, според проценките живеат околу 10 илјади македонски државјани, главно од струмичкиот регион.

Италија утрово стави 16 милиони луѓе во карантин што е една четвртина од целото население поради стравувањата од енормно ширење на коронавирусот. Освен Ломбардија, под карантин се 14 провинции меѓу кои Модена, Парма, Пјаченца, Реџо Емилија, Римини, Новара, Падова, Тревизо и Венеција. Забрането е движење и внатре во областите. Исклучок ќе има само во посебни случаи за професионални и здравствени потреби. До 3-ти април ќе бидат затворени училиштата, универзитетите, музеите, фитнес салите, ски центрите, базените, обложувалниците, нема да има церемонии на свадби и погреби. Рестораните и кафулињата ќе бидат отворени од 6 до 18 часот, но луѓето ќе бидат приморани да седат на оддалеченост од најмалку еден метар. За оние што нема да ги почитуваат правилата, следуваат казни и до 3 месеци затвор.

Одлуката за карантин дојде откако вчера во Италија починаа 36 лица и се појавија 1.250 нозозаразени. Граѓаните вчеравечер панично ја напуштаа областа. И папата Франциск ги откажа сите јавни настапи. Се уште нема стриктни насоки како ќе се спроведуваат мерките бидејќи аеродромите во Милано и Венеција се уште работат. Досега билансот на мртви во Италија е 233 луѓе и скоро 6 илјади заразени.

На Балканот се појавија и првите 4 позитивни случаи на корона во Бугарија, од кои два се во Плевен, а два во Габрово.

Засега и покрај тестирањата на околу 60 луѓе во Албанија и Косово и над 1800 лица под надзор во Црна Гора, нема потврда за заболени од корона во овие земји.

Кипар, пак, досега е единствената држава во ЕУ во која нема коронавирус.

Во Кина има само 45 новозаразени, но и 28 нови смртни случаи. Во Кина досега починаа 3.099 лица. Втора држава по бројот на смртни случаи е Иран со 145, следи Јужна Кореја со 50.

Бројот на вкупно заболени од коронавирусот во светот надмина 107 илјади луѓе, а бројот на починати изнесува 3.661 лице.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста