34-ца во изолација – сите биле во контакт со заразените сопружници со корона вирусот

34 лица засега се во домашна изолација, а возачот кој со автобус го превезе заболениот брачен пар од Дебар, денеска повторно донел нова тура патници од Италија. Тој се тестира дали има коронавирус, а 50-те патници се задржани на граничниот премин Табановце во посебни простории.

  • Возачот ќе биде прегледан, ќе биде тестиран и што и како ќе се направи понатаму, во однос на оваа нова тура патници ќе зависи од резултатот на анализата на тестот на возачот – изјави Филипче.

Двајцата сопружници од Дебар, кои се позитивни на коронавирусот се наоѓаат на Инфективната клиника во Скопје. Во добра здравствена состојба се, со лесна форма на болеста, но поради возраста се се уште во ризичната група. Уште 9 лица кои имале контакт со нив се наоѓаат во домашна изолација.

Филипче им порача на сите граѓани кои ќе бидат анкетирани да кажуваат вистинити податоци, дали биле во контакт со заболени, дали тие имаат симптоми. Ги потсети редовно да ја одржуваат личната хигиена. Повтори оние што имаат сомнеж дека се заболени да не се јавуваат на матичен лекар, туку да ги контактираат епидемиолозите.

  • Тоа е нешто на што апелираме од почетокот на епидемијата. Ќе добијат здравствена услуга, земање на брис во домашни услови и тоа е целта на сите мерки. Во постојана комуникација сме и со претставници на СЗО, во моментот нема други препораки – рече министерот.

Остануваат во сила препораките за одложување на јавните собири до 13 март. Се уште останува дилемата дали ќе се игра пред публика фудбалскиот натпревар Македонија – Косово  закажан за крајот на месецот. Министерот Чулев не гледа причина овој натпревар да се игра без публика. Според него, безбедноста е на највисоко ниво , а редовно има контакт и со навивачките групи.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста