Инженерот Зороски за Алфа: Лошо ќе биде ако се продолжи со користење на Охридското езеро за производство на струја

Нивото на Охридското езеро се спушти под природниот минимум и покрај обилните дождови, тоа продолжува да опаѓа и е на само 4 сантиметри до минимално дозволената кота од 693,10.м.нв. Охридско пресушува, Билјанини извори секнаа – научните работници предупредуваат да не се игра со природата. Никаде во светот природните езера не се користат за производство на електрична енергија, алармираат експертите.

Наметнатите осцилации на езерото се опасни, проблемот со кој се соочуваме во еден голем временски континуитет од ден на ден предизвикува се поголеми последици, велат експертите.

„Лошо е затоа што останува помалку вода, доколку се испуштаат поголем број на нутриенти пред се на азот и на фосфор, доаѓа до еутрофикација односно забрзано стареење на езерото и до појава на анаеробни услови. За едно 10-тина години според некои сценарија тоа присуство на кислород во подлабоките слоеви каде што има голем број на ендемични организми, би се редуцирала на минимум. Дури се предвидува дека тие поодлабоки слоеви би останале без кислород, што е многу погубно за езерото“, рече Ѓоко Зороски-инженер по животна средина.

ЕСМ не смее Охридско езеро од природен резерват да го претвора во акумулационен базен. Големи површини од езерското дно остануваат суви, предизвикувајќи изумирање на многу ендемични растителни и животински видови.

„Сите тие индуцирани осцилации на нивото на водата од Охридското езеро потпомогнати со ред други причини како што е забрзана еутофикација, деградација на живеалишта, узурпација некотролирана на брегот на езерото, предизвикуванереверзибилни последици врз живиот свет во истото“, рече Орхидеја Тасеска, директор на Хидробиолошки Институт.

Државата треба да го заштити езерото велат експертите и за производство на струја, треба да користи обновливи извори на енергија. Намалување на само еден сантиметар од нивото, значи губење на 3,5 милиони кубни метри од Охридското Езеро, кое е најголемиот природен басен со питка вода во овој дел на Европа.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста