Утешни пораки од европските бирократи, Радев бара писмени гаранции дека Македонија ќе исполни се од договорот

Нема фиксен датум за почнување на преговори за членство во ЕУ за шесте земји од Западен Балкан – ова е заклучокот по состанокот на европските челници на Самитот во Словенија. Земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европската Унија, но мора да се спроведуваат реформите порача и претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен. По состанокот на земјите членки, Фон дер Лајен само ги потврди барањата кои ги постави бугарскиот претседател Румен Радев – дека за надминување на блокадата за македонските интеграции мора да се спроведува прашалникот 5+1 точка.

„Земјите од Западен Балкан направија многу. Не велам дека е се направено, но направено е многу. За решавање на проблемот меѓу Македонија и Бугарија да се примени прашалникот 5+1“ со конкретна агенда за спроведување, порача Фон Дер Лајен.

Германската канцеларка Меркел со остар тон порача дека проблемите околу блокадата на пристапните преговори на Македонија можат да се надминат, но лично таа не дала поддршка за утврдување на датум за започнување на преговорите.

– Не поддржав да им се даде фиксен датум на земјите од Западен Балкан за нивно пристапување во Европската Унија, истакна Меркел.

Земјите од Западен Балкан припаѓаат на Европа, но не поддржав да им се даде фиксен датум за нивно пристапување во Европската унија, децидна е Меркел.

 И покрај јасните пораки од Унијата дека треба да се продолжи со имплементација на реформите, премиерот Заев пак потенцирал дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување.

„Им ги споделив очекувањата и јасните определби на македонските граѓани за европска иднина на Северна Македонија и дека итно се потребни европски чекори од страна на сите земји-членки на ЕУ со цел да не се дозволи разочарување на нашиот народ, а со тоа и зголемување на ризиците од засилување на ретроградните националистички струи“, вели Заев.

А додека Македонија негува надежи Бугарија повторно условува. Бугарскиот претседател Румен Радев бара земјава до ноември да понуди писмени гаранции, кои ќе бидат обврзувачки. Македонските Бугари да бидат дел од уставот, но и да ги добијат сите права како и другите народи.

Вистинската суштина на проблемот во Република Северна Македонија е систематската дебугаризација и уништување со години на бугарското културно-историско наследство во оваа земја. Децениското негирање на македонските Бугари не е билатерално прашање: човековите права и недискриминацијата се основни принципи вкоренети во темелите на Европската унија, изјавил Радев.

Протоколот кој го бара Радев треба да содржи правно обврзувачки гаранции за спроведување на одлуките донесени во Договорот од 2017 година. Дел од нив се однесуваат на тоа македонските Бугари да бидат впишани во Уставот, за да се запре фалсификувањето на историската вистина. „Да се ​​сменат наставните планови, да се запре прогонот на луѓе кои се идентификуваат како Бугари во Република Северна Македонија, државниот врв во Скопје јасно и категорично да се прекине со идеологиите на тоталитарното минато“, се наведува во бугарските барања. 

Ивана Соколовиќ Најдова

https://www.youtube.com/watch?v=_kAUdcYkVSk&feature=youtu.be
КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста