„Македонија 2025“: Газдите трошат повеќе од 30 часа годишно за вработување и отпуштање работници

Бирократските процедури и натаму остануваат најголем товар за работењето на компаниите. Работодавачите во Македонија годишно трошат повеќе од 30 работни часа за да вработат или да отпуштат работници, што претставува огромен бирократски товар, покажа истражувањето на „Македонија 2025“, спроведено во шест земји лани. Иако, поради застој на носењето на добар дел од Законите подобро се работело кај дел од фирмите, сепак тие се соочуваат со еден куп слабости, признаваат надлежните. Велат дека се работело на нивно отстранување, но за тоа било потребно време.

  • Системот за исплата на плати е целосно во електронска форма и компаниите воопшто немаат проблем и во услови на пандемија, значи не се зголемува товарот. Ова би го посочила како добра страна, изјави Никица Мојскоска Блажевски, извршна директорка на „Македонија2025“, организација која го презентираше извештајот во Скопје.

Слабостите главно се во оние области каде законската регулатива се уште не е усогласена со Европската унија или е во процес на усогласување. Обврски со кои допрва ќе се соочат компаниите се управувањето со отпад и заштитата на личните податоци.

  • Законот за заштита на лични податоци донесен во 2020 година, кој почна да се применува во 2021 година и со кој се воведуваат обврски за компаниите, како и уште две-три законски измени, сметаме дека ќе го зголемат товарот на индексот во 2021 година. Значи, до крајот на годинава тие би претставувале зголемен товар, рече Мојскоска-Блажевски.

Стопанствениците најмногу се жалат на кратките рокови за усогласување без соодветни насоки и упатства, или доцнење на државните органи во обезбедување услови за спроведување или промени што значително ги менуваат условите за работа. Олеснување имало кај електронските услуги, но прашањето е колку реално тие им помагаат.

Според вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, во период од една година направени се сериозни исчекори за олеснување на бирократските процедури, но може да се направи уште повеќе.

  • И не само што можеме, туку ние тоа и го правиме. Во овој меѓупериод од една година преземени се сериозни чекори во насока на поефикасна и поефективна администрација и намалување на бирократските процедури. Тоа го правиме и на оперативно и на стратешко ниво, изјави Битиќи пред почетокот на денешната презентација на Индексот на бирократија.

Македонија, според анализите, во иднина најверојатно ќе се соочи со зголемување на бирократскиот товар во однос на усогласувањето со европската регулатива. Обврски со кои допрва ќе се соочат компаниите се управувањето со отпад и заштитата на личните податоци. За олеснување на работата, бизнисмените сметаат дека со брзо усогласување на македонското законодавство, ќе се отвори можноста за работа на евриоскиот пазар.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста