Интриги и сплетки – техничките министри немаат ни канцеларии

Во техничка влада како „рогови во вреќа“. Ред се редат обвинувања за опструкции на власта кон техничките министери и дополнителните заменици. Интриги, сплетки, и кавги наместо соработка, колегијалност и конструктивност. Па неминовно се поставува прашањето може ли функционерите на ВМРО-ДПМНЕ во Владата да бидат ефикасни ако се соочуваат со опструкции?

Работата е отидена дотаму што еден од нив нема простории за да си ја извршува функцијата.

Станува збор за дополнителниот заменик-министер во Министерството за земјоделство Цветан Трипуновски, кој засега нема ни свое столче. Тој вели дека откако стапил на функција не добил канцеларија.

Освен министерувања без канцеларии, техничките министри и заменици од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, велат дека се соочени со проблеми и за формирање на свои тимови.

Исти проблеми има и во кабинетите на другите дополнителните заменички. А и Мизрахи која застана на чело на Министерството за труд и социјална политика не може да екипира свој тим, поради, опструкции при преземање на вработени од минитерствата.

А ова се само дел од низата проблеми за „техничките“ функционери. Заменичката во институцијата за финансии неодамна искочи со тврдења оти ниту еден од вработените не ги слуша нејзините барања и насоки поради наредба од министерката на СДСМ Нина Ангеловска.

Има и такви што ги бараат назад распределените службените возила, ама не ги добиваат.

Техничкиот министер за внатрешни работи наиде на низа реакции откако побара да се вратат триесетина службени возила, кои, како што тврди Чулев, дента кога Оливер Спасовски бил избран за премиер, биле распределени.

За потсетување, колегијалност помеѓу „техничките“ недостасуваше и во првата техничка влада, во која улогите беа поинакви, па власта беше опозиција, а опозицијата власт. Е тогаш, техничките од СДСМ раскажуваа, негодуваа и обвинуваа за опстукции. Па, денес, четири години подоцна, како никој да нема научено ниту една „техничка“ лекција. Ама, и претходно и сега, останува да виси клучното прашање „Колку техничките министри и заменици во Владата можат да бидат ефикасни ако им се прават опстукции, а и зошто се поставуваат „технички“ ако реално не можат да го оправдаат своето постоње – да бидат еден вид коректив, или контролор на власта до изборите?

Сања Трајковска Ставров 

 

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста