Илиевски: Состојбите на дел од универзитетите се алармантни и загрижувачки, манипулациите со Законот за високо образование се бројни

Состојбите кои се однесуваат на функционирањето на дел од универзитетите во нашата држава се алармантни и загрижувачки. Бројни се манипулациите со Законот за високо образование

Од една страна, постои највисоко тело во државата-Одбор за евалуација на високото образование кој делува во рамките на Агенцијата за квалитет на високото образование и на чие чело се наоѓа кадар на министерот Оливер Спасовски, проф.д-р Марина Митревска (за потсетување на јавноста оваа професорка со поддршка лично на министерот Оливер Спасовски, предходно беше член од Одборот за акредитација на високото образование со кој претседателствува незаменливиот академик Владо Камбовски, а од друга страна постои Државен просветен инспекторат кој во најголем дел се однесува како да е одговорен за снегот кој падна деновиве, но не и за професионалното работење на сите универзитети во државата. Зошто постои сомневање дека оваа состојба е навистина негативна и затоа демократската јавност мора да биде вклучена и да сигнализира на пукнатините на системот со цел истите да се редуцираат. Едноставно, да се престане со практиката да се изигрува Законот за високо образование на штета на државата, на имиџот на високото образование, на студентите кои најчесто се измамени иако плаѓаат и високо школарини за студирање. За да стане уште појасно за што се работи, еве неколку прашања до надлежните.

1.Колку се почитува член 21 став 3 од Закониот за високо образование кој определува дека единиците на универзитетот имаат веб-страница на која задолжително објавуваат важни информации за своето работење? Дали инспекторите од Државниот просветен инспекторат или Одборот за евалуација ги контролираат овие веб-страници и дали се почитува оваа одредба од законот?

Дали инспекцискиот надзор на овој член е дел од работењето на инспекторите? Дали ставањето под тепих на овој член  не е индикација за можна корупција на штета на имиџот на високото образование? Колку застарени информации содржат веб-сајтовите на универзитети или поконкретно колку неточни и незаконски информации се нудат на идните заинтересирани за студирање?

2.Колку се имплементираат членовите 31 и 32 од Законот за високо образование кој се однесува на надлежностите на Студентскиот правобранител?

  1. Колку се почитува член 36 од Законот за високо образование кој се однесува на надлежностите на Универзитетското студентско собрание? Дали има универзитети каде измислена именка е ова собрание???

4.Зошто не функционира Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност од член 41 на Законот за високо образование? На кому му одговара да не функционираат институциите од областа на високото образование?

5.Дали знае Владата дека надвор од контрола е работата на Одборот за акредитација на високото образование, кој заедно со Одборот за евалуација се најголеми виновници за лошите состојби во високото образование во нашата држава???

6.Дали се исполнува ставот 3 од член 61 од Законот за високо образование според кој на факултетите (внимавајте на факултет, а не на универзитет) треба да има најмалку 10 лица во наставно-научни звања во работен однос со полно работно време ??? Јавна тајна е дека овој член не се контролира намерно со што се овозможува факултет да функционира и со еден професор. Но, каде е законитоста во донесување на одлуки од Наставно-научниот совет со еден или двајца професори??? Дали ова непочитување на член 61 од Законот за високо образование овозможува надлежните кои треба да се контролираат неговото исполнување, да бидат „платени“ за да се замолчат? Јавна тајна е дека се знае кој инспектор на кој универзитет е на „платен список“ и ги ужива бенефитите од удобните фотелји во Државниот просветен инспекторат. Потребно е да се проверува имотот на овие инспектори пред стапување на работа во инспекторат и во текот на работењето. Потребно е да се донесе Антикорупцики кодекс во Државниот просветен инспекторат и Агенцијата за квалитет на високото образование. Потребно еда се имплементира Законот за високо образование во Скопје, Штип, Битола, Тетово, Струга, Охрид и насекаде каде има високообразовни институции.

7.Зошто МОН замолчува пред вистината дека сеуште пензионирани професори предават на додипломски студии, а пријавите за нив ги потпишуваат други професори? До кога со ова криминална практика? Може многу лесно да се провери кај студентите кој им држи настава, а кој ги потпишува пријавите. Не, заради можна корупција не се проверува ова прашање.

Има уште многу од црнилата во изигрување и заобиколување на Законот за високо образование. Повеќе и конкретни информации за сите злоупотреби во високото образование во следна прилика.

Пишува: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста