Хронично болни ја губат битката со вирусот – се бара повлекување на одлуката да се вратат на работа

50 годишна жена со хронична астма е последната жртва на ковид 19 за која со голема тага раскажуваат нејзините пријателите од групата за Поддршка на хронично болни пациенти. И покрај сериозноста на болеста таа морала да се вбрати на работа откако Владата кон крајот на Септември ја укина мерката хронично болните да бидат ослободени поради корона пандемијата. Дури тројца пријатели на ФБ групата, починале од Ковид 19 за една седмица, вели Билјана Рогозарска од Иницијативата за Поддршка на хронично болни.

„Моја пријателка која беше член на групата и која страствено со бореше за овие права, пред неколку дена ја изгуби битката со вирусот затоа што таа немаше влошување на својата дијагноза, имаше астма. Доби од специјалистот препорака за лекови, а не за боледување затоа што болеста и беше стабилна. Тргна на работа, нејзината работа беше со странки, таа сама себе се штитеше но не можеш да знаеш со кого се ти имаш контакт кога работиш со луѓе. И женава на 50 години ја изгубивме ни исчезна за три дена“ вели Билјана Рогозарска од Иницијативата за поддршка на хронично болни.

Пациентите со хронични заболувања лутаат низ болничките лавиринти, а опасноста од вирусот е уште поголема бидејќи дел од нив на секој 15 дена чекаат пред ординациите на докторире за да го продолжуваат боледувањето.

„Имаме пример каде се шетаат на секој 15 дена до специјалист за нова препорака, имаме пример кога добиваат две месеци препорака од специјалист, меѓутоа ,матичниот отвора боледување на 15 дена и потоа документите ги праќа до Комисија. Од Комисија добива пациентот дека дозволено е боледување уште 15 дена плус, што е еден месец и потоа пациентот треба да се врати на работа, а специјалистот препорачал два“, додава таа.

Министерот Филипче признава, проблемот на неусогласеност помеѓу специјалистите и комисијата го воочиле и наскоро ќе се решел.

„Тоа е административна пречка која што се надминува со боледувањето преку матичниот лекар, меѓутоа и за тоа најдовме решение и многу брзо ќе биде имплементирано во системот. Значи без потреба од продолжување“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Со петиција до Владата, кризниот штаб, министерот за здравство и народниот правобранител, хронично болните пациенти бараат повлекување на одлуката да се вратата на работните места. Одговор не добиле од никој. Филипче денес им порача оти барањето за средба не го добил, но штом стигне дописот стигнел во Министерството ќе ги повикал на средба. Кога, не прецизираше.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста