Хаос на шалтерите за подигнување лични документи, во ред се чека од 5 часот наутро до затворање на пунктот

Хаос, гужва и многу нервозни граѓани пред единствениот пункт во Скопје за вадење лични документи без термин. Се чека со часови без гаранција дека ќе се дојде на ред за фотографирање оти целиот процес оди многу бавно. Хаосот е огромен а на студот чекаат дури и оние кои треба да имаат приоритет, старите и болните, но и семејства со деца. Граѓаните револтирани, обвинуваат дека само тие што имале “врски” влегувале преку ред од задна страна на пунктот преку полициската станица Пролет.

Оваа локација е единствената опција за жителите на главниот град кои не успеале да добијат термин преку МВР. Граѓаните се свесни дека ќе мора да чекаат со часови, а повеќето и со денови. Ни криви ни должни оти Власта реши да се сменат документите со новото име дури и за оние на кои важноста им трае уште неколку години.

Но хаосот не е само за  аплицирање туку и за да се подигнат личните документи. Огромен број граѓани се изложени на вистинско малтретирање за да дојдат до лична карта, пасош, или возачка за кои платиле се сликале, а никако да ги подигнат. Во објектот на МРТВ сликата е идентична како пред Пролече, што го отсликуваат и снимките кои ги споделуваат револтираните граѓани. Тие се жалат дека на тамошните шалтери работеле само двајца вработени кои не можат да ги опслужат граѓаните.

12 февруари 2024 година е последниот датум до кога ќе важат документите со старото име на државата. Потоа, ниту во институции, ниту на граница, ниту пред полиција – нема да бидат валидни истите.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста