Граѓаните се уште се скептични за букирање на летни аранжмани

Граѓаните се уште се скептични за букирање на летни аранжмани, велат од туристичкиот сектор и покрај најавите на надлежните дека Грција од 15 мај ги отвора границите за македонските туристи. Интерес има, пред се кај оние граѓани кои веќе ја примиле анти ковид вакцината и кои се надеваат дека со приложен сертификат ќе може да летуваат на Егејското море.

„Повеќето чекаат вистински да се види дека на 15-ти може да се влезе. Искуството не научи да видиме дека тоа навистина се случува, минатата година беше на 15 мај, па 15 јуни, 15 јули и така поминаа сите месеци. Затоа мислам дека кога вистински ќе се пушти, кога веќе некој ќе отиде и ќе ги знаеме условите со кои се поминува границата, ќе биде поедноставно“, вели Ана Марија Алексовска, туристички работник.

Туристичките работници се резервирани – се надеваат на успешна летна сезона, но стравуваат дека од Септември повторно ќе се вратат на старите загуби со кои се бореа цела година.

„Летово луѓето ќе се опуштат ќе заминат негде, но дали од септември ќе има нов бран, дали ќе исполниме процентот на вакцинација… сето тоа е дали и со голем прашалник“, додава Алексовска.

Под правила и протоколи слични на оние од лани, со растојание меѓу лежалките, но без музика, Грција денеска ги отвори плажите. Рампите за странските туристи, пак ќе се кренат на 15 мај. Во земјата ќе може да се влезе со потврда за примена било која од анти ковид вакцините или со негативен ПЦР тест.

Албанија и годинава ги отвори границите за сите туристи. Влезот во земјата, исто како и лани ќе биде слободен и без ограничувања. И во Црна Гора ќе може да се летува без ПЦР тестирање и без потврда за целосна имунизација. Со цел да привлечат поголем број на туристи, тамошните власти одлучија да дозволат бесплатно лекување на сите странци кои за време на престојот во земјата ќе се разболат од Ковид 19.

Туристичките агенции веќе нудат аранжмани за Турција и Египет. И двете земји за влез бараат потврда за негативен ПЦР тест, а туристичките агенции веќе нудат и аранжмани со вклучено бесплатно тестирање за патниците кои ќе уплатат летување во една од овие две земји.

Што се однесува до подалечните дестинации, Израел како една од поатрактивните и покрај масовната имунизација на населението, се уште е скептична за прием на странски туристи. Па така, ако сакате да патувате во оваа земја, прво ќе треба да побарате дозвола за влез и престој во земјата од тамошното МНР преку онлајн апликација, а на влез во земјата покрај приложениот сертификат за вакцинација, цариниците ќе ви побараат и потврда за негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.
Сертификатите за комплетирана вакцинација граѓаните можат да ги подигнат од ординациите на матичните лекари. На нив е впишан специјален код како доказ дека лицето примило антиковид вакцина.

Инаку, пред да заминат во било која земја во странство, за условите за влез и патување граѓаните треба да се информираат преку сајтот на МНР каде има информации за влез и транзит во сите земји во светот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста