Голем број нејаснотии во апсењето на Орце Камчев- од кога бизнисменот стана закана по националната безбедност?

Зошто Агенцијата за национална безбедност се занимава со Орце Камчев? Дали полицијата без барање од обвининител го привела бизнисменот? Кој ја направи збрката со членовите од законите? Експертската јавност бара одговор на овие прашања еден ден откако Камчев замина во Шутка?

Малку е чудно и зошто АНБ се интересирале за овој случај, ако за знае дека со закон предвидено, нивна должност е откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата и тоа: шпионажа, тероризам , насилен екстремизам и други дела насочени против државата.

Неофицијално апсењето дошло без знаење на Обвинителството, па се поставува прашањето по кој основ бил лишен од слобода Камчев, ако за тоа немало налог од обвинител. Оваа дилема ја отвора и универзитетскиот професор од правниот факултет Гордан Калајџиев

-(Се) прашувам по кој правен основ тајната полиција АНБ се бави со осомничени за криминал?! И кој наредил приведување на Камчев без да има барање на Јавното Обвинителство?!, пишува на Фејсбук Калајџиев

Дамка врз овој случај фрла и самиот основ за приведувањето и притворувањето на Камчев. Во полицијата ги измешале Кривичниот законик и Законот за кривична постапка. Наместо како причина да го наведат членот 165 од ЗКП, каде се запишани основите за определување притвор, наведен бил членот 165 од Кривичниот законик, кој е за изборна измама.

Токму ова го спомена и адвокатот на Камчев, Тони Менкиноски, велејќи дека во полиција им кажале едно, во судот друго.

-Гледајте кој парадокс. Судот ги ценеше наводите на одбраната за лишување од слобода на осомничениот за дела од изборна измама, како што стои во службената белешка за лишување од слобода, а не како што стои во предлогот на Обвинителството за дело од член 273 став 1 од КЗ, но сметаат дека доколку осомничениот смета дека со преземањето на некои дејствија му е повредено некое негово право, може согласно ЗКП да поднесе соодветен поднесок до судот, изјави Менкиноски.

Камчев е обвинет за делата  „Плацови на Водно“ и „Империја“. А токму тој беше и жртва на случајот „Рекет“, каде на 9 и 7 години затвор се осудени Бојан Јовановски и Катица Јанева. А причина е изнудата на 1.5 милион евра од Камчев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста