Наводно бегство за 30 дена притвор: Службена белешка од АНБ го однесе Орце Камчев во Шутка

Службена белешка од АНБ го однесе Орце Камчев 30 дена во притвор. Судот го испрати бизнисменот во Шутка, поради сомнеж за бегство поткрепен со документ од Агенцијата за национална безбедност. Камчев утрината првично беше приведен во полициската станица Карпош, а потоа во судот, од каде околу 15 часот замина во истражниот затвор Шутка. На заминување кратко кажа дека не планирал никакво бегство.

-Абе какво бегство, кратко кажа Камчев додека го носеа кон полициското комбе.

За кое дело Камчев заработи притвор останува нејасно. Обвинителството само кусо соопшти дека бизнисменот со уште шест други лица е осомничен за перење пари. Но дали тоа е причината за притворот, детали нема.

Според адвокатот на Камчев, Тони Менкиноски ова било собирање на дневно политички поени на грбот на неговиот клиент. Порачувајќи дека ваков потег на ден Прочка било садизам.

-Ова е срамота за Македонија, срамота за сите нас овде што стоиме. Двата пасоша се моментално во овој суд, мерки за обезбедување врз капиталот на господинот Камчев, кој вработува 3.000 луѓе во Република Македонија се изречени. Истрагата не е завршена, значи тој е се уште осомничен. Само по некоја дојава доби 30 дневен притвор, утре може и вас ќе ве осудат 30 дневен притвор. Ова е садизам, садизам со институциите, изјави Менкиноски.

Она што дополнително е чудно според иодбраната е што во решението за притвор пишува дека осомничениот се поврзува со дела за изборна измама. Иако официјално нема никаков предмет или истрага за такво нешто против Камчев.  

-Судот ги ценеше наводите на одбраната во однос на лишување од слобода на осомничениот за дела од изборна измама, што стои во службената белешка за лишување од слобода, а не како што стои во предлогот од ОЈО по член 273, став 1 од КЗ, изјави Менкиноски.

Менкиноски вели не им биле презентирани никакви докази со кои би се поткрепил притворот, дури не им била презентирана ниту службената белешка од АНБ. Вели се поставува прашањето дали Камчев оди во Шутка бидејќи наредниот период треба да сведочи против сопругот на Фросина Ременски, Јовче Ременски, кој како што кажа Менкиноски е на висока позиција токму во АНБ.

-Не ние беа презентирани документите од АНБ. Дури сакам и да напоменам, судијата не ни го даде решението, ни го даде записничарката. Најверојатно му беше срам, ама понатака во иднина некогаш ќе каже зошто не ни го дал. Му беше срам да не погледне во очи, изјави Менкиноски.

Камчев е обвинет за делата  „Плацови на Водно“ и „Империја“. А токму тој беше и жртва на случајот „Рекет“, каде на 9 и 7 години затвор се осудени Бојан Јовановски и Катица Јанева. А причина е изнудата на 1.5 милион евра од Камчев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста