Година на конгреси во СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ- Боки 13: Не смеам да давам изјави

Боки 13 не сака да ја коментира кандидатурата за лидер на СДСМ, вели не смеел да дава изјави за медиуми, а официјално ќе зборувал неговиот адвокат Сашо Дукоски. Ова доаѓа ден откако во јавноста како бомба одекна веста дека Бојан Јовановски ќе биде противникот на Зоран Заев на конгресот на СДСМ, закажан за 21 март.

-Не смеам да давам изјави јас, тоа се ќе ви се обрати адвокатот Дукоски. Ќе ве молам, не смеам да давам изјави, ќе видиме што можам да очекувам. (Што мислите за вашиот противкандидат Зоран Заев?) Ќе прочитате официјално, изјави Боки 13.

Конгрес ќе организира и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со одлука на Централниот комитет на партијата, истиот ќе биде закажан пред крајот на 2021 година. Ова го потврди и лидерот на паријта Христијан Мицкоски.

-Од прилика крајот на ноември месец, партијата ќе има редовен конгрес, кој што се одржува секој четири години. На тој конгрес ќе може да разговараме за идните чекори, кои идното раководство на партијата ќе ги преземе, кое што ќе биде избрано на тој конгрес, изјави Мицкоски.

Иницијативата за промени во партијата, закажа вонреден конгрес на крајот на месец март, што според ВМРО-ДПМНЕ е нестатурна одлука. Мицкоски тврди дека одредени членови на поранешното партиско раководство, работеле под диктат на Зоран Заев.

-Јас сум го одбрал мојот пат, мојот пат е да служам на Македонија, на македонскиот народ и на организацијата. А тие го одбрале својот пат да му слугуваат на Зоран Заев. Режимот ќе падне, а со него ќе падне и Зоран Заев, а потоа следи одговорност за сите оние криминалци кои што се обидуваат да и наштетат на Македонија, изјави Мицкоски.

Околу иницијатавата за вонреден конгрес од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Централниот комитет за оваа иницијатива заседавал уште пред неколку месеци и еднокласно била донесена одлука за отфрлање на истата, согласно статураните овластувања.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста