Фон Дер Лајен: ЕУ мора да ги исполни ветувањата кон Скопје и Тирана

Второто претседавање на Словенија со ЕУ влева нијанса надеж дека Македонија ќе ги започне долго очекуваните преговори за влез во Унијата. Словенечкиот премиер Јанез Јанша истакна дека е можен напредок во процесот на проширување со Скопје и Тирана во октомври доколку има согласност од земјите членки. Претставувајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство пред Европскиот парламент во Стразбур, Јанша, кој, како што вели, не ги разбира земјите членки кои се противат на проширувањето, ја предупреди ЕУ дека ако не постигне напредок во нејзиниот ангажман со Западен Балкан, „некој друг со различни вредности и интереси ќе го стори тоа“.

-ЕУ прави големи чекори напред кога се фокусира на нештата, ако проширувањето стане шеста тема на дневен ред никогаш нема да стигнеме до темата, ако ја кренеме темата ќе можеме да направиме конкретни чекори напред, Албанија и Македонија можат да одат напред на следниот самит во октомври ако се концентрираме сите на тоа, Европската Комисија помага, но тоа е политичка одлука, рече шефот на словенечката влада.

Пред европратениците се обрати и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која даде поддршка на одлуката на Словенија во време на нивното претседавање со европското семејство да го врати Западниот Балкан на дневен ред, меѓу другото со организацијата на октомврискиот самит.

-Уверена сум дека самитот со Западен Балкан ќе испрати важен сигнал до засегнатите земји дека тие се суштински стратешки партнери за ЕУ и се надевам дека словенечкото претседателство ќе умее да даде зелено светло за процедурите со Македонија и Албанија, ова е во наш личен интерес и е прашање на кредибилитет: во ЕУ дадено ветување мора да биде исполнето ветување, рече фон дер Лајен.

Инаку надеж за Македонија дополнително влева програмата на Словенија во која е наведено и дека Претседателството „ќе се фокусира на усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија и Албанија“.

Мери Ѓеорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста