Европската унија на итен состанок решава за мерки против ширењето на мутираниот вирус

Амбасадори на земјите од Европската унија ќе одржат состанок во Брисел за нови ограничувања на движењето поради новата мутација на корона вирусот.

Се повеќе земји најавуваат дека ќе го прекинат воздушниот сообраќај, а некои од нив и железничките и поморски врски со Британија.

Последните, на списокот земји кои ги запираат летовите кон Британија се Аргентина и Чиле. Претходно Канада, Германија, Франција, Холандија, Белгија и Италија забранија влез на патници од Англија. Во овие земји на сила се рестриктивни мерки за карантин на странци без престој кои биле во Англија во последните 14 дена.

Британскиот премиер Борис Џонсон за денеска свика итен состанок на владината канцеларија за вонредни ситуации на кој ќе се разговара за меѓународниот сообраќај, посебно за товарот кој влегува и излегува од Велика Британија.

Иако британските научници заклучија дека со оваа мутација е поинаку и истата доведува до потежок тек на болеста, од СЗО се уште немаат докази дали новата варијанта на вирусот е поопасна и дали доведува до поголема смртност.

Вирусите се менуваат и ова што сега се случило не е некое изненадување. Со цел да одредиме дали мутацијата ќе има влијание на човековото здравје, ќе мораме да направиме дополнителни истражувања во лабораторија – информираа од СЗО.

Во меѓувреме, германската влада повикувајќи се на научниците објави дека  сегашните вакцини против коронавирусот се ефикасни и за овој вид.

Новата мутација веќе се шири низ Лондон и југот на Англија, а минатата недела беше откриена во Јужноафриканската Република.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста