Двојни аршини на полицијата: Едно во Вевчани, друго во Штип- остри реакции во јавноста, за власта ништо не е спорно

Двојни полициски аршини. Долги години традиционалниот вевчански карневал причина за голема интервенција на полицијата.

Полицијата сепак не реагираше вака на секое големо групирање и прекршување на корона протоколите. На пример, при прославата на изборната победа на кандидатот за градоначалник на Штип од СДСМ, Сашко Николов, која беше масовна ама помина без каква било полициска интервенција.

Нееднаквоста при постапувањето на полицијата, предизвика бура реакции во јавноста. Сите прашуваат зошто полицијата постапува селективно. Запрашан токму околу случаите во Штип и Вевчани, министерот за здравство Венко Филипче, не гледал селективност при постапувањето на полициските службеници.

-Не би рекол дека има двојни аршини. Нашите информации кажуваат дека навистина се активни на терен и инспекторите, службите согласно зголемените ингеренции и полицијата. И мислам дека се тоа е дел од она што ни дава стабилна епидемиолошка слика, изјави Филипче.

Настаните во Вевчани беа причина и за партиски препукувања. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека власта на Заев, не можела да поднесе преку хумор и маски да се критикува нивната политика и владеење.

-Вчера Заев вчера удри по својот народ. Не држи вода никакво оправдување да тепаш маскирани учесници во карневал, особено не во Вевчанскиот карневал, а да молчиш за фештите кои што ги правеа функционерите на СДСМ во Штип, на забавите среде Скопје во локалите на луѓе блиски до власта, за роденденските прослави во институциите, за десетици други примери на прекршувања и на собири, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Владејачката СДСМ пак ја нападна опозицијата. Преку соопштение велат дека активисти на ВМРО-ДПМНЕ од Вевчани ги провоцирале припадниците на МВР.

-ВМРО-ДПМНЕ во Вевчани намерно предизвика инцидент а преку порталите под контрола на белиот дворец се обидува да ја подгрева јавноста преку тенденциозни и несоодветни споредби со настаните од 1987 година. Уште еднаш на дело се покажа неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ и очајната состојба во која се наоѓаат. Свесно ги носеа жителите на Вевчани во опасност, провоцирајќи и поттикнувајќи поделби меѓу граѓаните. Не проаѓа тоа, велат од СДСМ.

Од МВР пак само информираат дека интервенирале бидејќи не бил испочитуван претходно постигнатиот договор со организаторите на оваа манифестација, да се почитуваат мерките и да нема групирање.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста