Државниот секретар Блинкен на турнеја во Франција и Белгија за зајакнување на поддршката за Украина и Израел

Државниот секретар Блинкен на турнеја во Франција и Белгија за зајакнување на поддршката за Украина и Израел

Русија неодамна го нападна североисточниот украински град Харкив со воздушни бомби, првпат од 2022 година. Во нападот загина најмалку еден цивил, а беа ранети 16 други, предизвикувајќи и голема штета.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен следната недела оди во Европа за да ја зацврсти поддршката за Украина, како што објави Стејт департментот.

Секретарот Блинкен ќе отпатува во Париз, Франција и во Брисел и Лувен, во Белгија, од 1 до 5 април за да ја нагласи нашата посветеност на НАТО алијансата, за зајакнување на трансатлантските партнерства и справување со глобалните предизвици. Во Париз, секретарот Блинкен ќе се сретне со францускиот претседател Макрон, ќе разговара за поддршката за Украина, напорите да се спречи ескалација на конфликтот во Газа и голем број други важни прашања, вели Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Францускиот претседател Емануел Макрон предизвика контроверзии минатиот месец, велејќи дека е императив Русија да биде поразена и дека не треба да се исклучи оти Западот можеби ќе треба да испрати копнени трупи во Украина – предлог што САД и Германија брзо го отфрлија.

Експерт за Гласот на Америка изјави дека верува оти Макрон го изразува ставот – често изразен од САД – дека сите опции се можни, без да значи дека војниците ќе бидат распоредени во Украина во скоро време.

Мислам, ние сме во потежок момент, во однос на војната во Украина. И наметнува нови предизвици и нови ризици од ескалација. На некој начин, САД и Франција се најотворените и најнаклонети кон прашањето за поддршка на Украина преку Атлантикот. Значи, сите причини се тука за да бидеме на иста страна. Но, мислам дека средбата со претседателот Макрон сигурно ќе биде многу важна за да се организира тоа, вели Иан Лесер, германски Маршалов фонд.

Во меѓувреме, Блинкен ќе се упати кон Европа следната недела, како што незадоволството таму и на други места расте, поради страдањата на палестинските цивили во Газа поради војната на Израел против Хамас, назначена од САД за терористичката група.

Друг експерт за Гласот на Америка изјави дека во Париз и во Брисел, Блинкен најверојатно ќе се соочи со сложената задача да мора да ги слуша и да ги уверува сојузниците додека ја одржува поддршката за правото на Израел да се брани.

Тој ќе мора да изрази силна поддршка за Израел. Мислам дека Бајден беше недвосмислен за тоа, но во исто време, да биде чувствителен за некои од грижите што ги имаат Европејците, особено за прашањата како Израел отиде предалеку или Израел нема долгорочна стратегија, или за тоа дека Израел се занимава со кршење на човековите права во Газа, вели Мајкл Кимаџ, Католички универзитет во Америка.

Друга тема за дискусија за Блинкен и неговите колеги најверојатно ќе биде терористичката закана од групата Исламска држава, која ја презеде одговорноста за нападот минатата недела на концертот во Москва.

САД ги отфрлија како пропаганда обвиненијата на руските официјални лица дека Украина била вмешана во нападот.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста