Државен завод за ревизија: Мерките за студентскиот стандард недоволно ефикасни

Државен завод за ревизија: Мерките за студентскиот стандард недоволно ефикасни

Студентите во студентските домови имаат несоодветно сместување и исхрана, а мерките за развој на студентскиот стандард кои ги преземаат надлежните државни органи не се доволни. Ова го покажа извештајот на Државниот завод за ревизија за состостојбата во студентските домови во земјава.

Ревизорите спровеле и анкета која покажала дека студентите не се задоволни од условите. Најниска просечна оценка (1.67) е дадена за техничката опрема, квалитетот на исхраната е оценет со (2.64), хигиената со достапноста на топла вода (2.41), условите и атмосферата за учење (2.53).  Со просечна оценка меѓу (2 и 3) студентите ги оцениле условите за спорт и рекреација, културно-забавните активности во студентскиот дом, загревањето и ладењето на просторот, безбедноста на објектот и опременоста и физичките услови на собите во кои се сместени. Над (3) просечна оценка студентите дале само за состојбата и функционалноста на мебелот (3.33) и за заедничките простории, како менза, читална, библиотека, дворна површина (3.07).

„Објектите кои ги користат студентите во најголем дел се стари и не ги задоволуваат потребите на современото живење. Постои незадоволство на студентите во поглед на исхраната, сместувањето и функционирањето на студентските домови“,се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите констатирале значително намалување на сместувачките капацитети во сите домови во периодот од 2019 до 2022 година, односно од 5.812 легла бројката сега е сведена на 4.490, во 2022 година. Ревизорите нотирале бројни пропусти во работата на надлежните, како во студентските домови, така и за студентскиот стандард, нешто е направено, а она што се правело, не е направено како што треба.

„Исплатата преку трансакциски сметки на студентите не овозможува да се потврди дека исплатените средства за 2022 година во износ од 11 милиони евра или 50 отсто од вкупните средства за студентски стандард, се користат исклучиво за намената“, стои во извештајот.

Животот на академските граѓани стана беден и недостоинствен, велат студентите кои до нас доставија снимки од внатрешноста на студентските домови, каде нам ни беше забрането снимање.

На дел од фотографиите може да се видат и глувци, како и мувлосана храна од мензите. Освен мизерните услови во домовите, проблем е и храна во мензите. Дел од студентите велат дека мора и да готват во собите зашто, она што го добиваат не е доволно

Инаку од буџетот на Министерството за образование во 2022 година се издвоени 22,6 милиони евра. Половина од нив или 11 милиони евра се за студентски оброк, а 6,8 милиони евра за студентски стипендии и 3,7 милиони за сместување и исхрана.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста