Донирани вакцини примаме, ама зошто не возвраќаме со солидарност – Филипче се правда

Донирани вакцини примаме, ама немаме доволно за и ние нешто да споделиме со соседите како гест на солидарност. Македонските граѓани и натаму се вакцинираат претежно со донирани вакцини. Откако целиот процес на имунизација почна со донацијата на 8400 вакцини на Фајзер од Србија, а продолжи со 20.000 дози на Спутник, кои исто така во земјава стигнаа како донација од Србија, сега Македонија се крсти во донациите од Грција и Бугарија кои треба да стигнат деновиве. Паралелно, секој понеделник во земјава пристигнуваат по 11.000 фајзерови вакцини од кои околу 5000 се преку Системот на солидарност на ЕУ, со кои продожува т.н. масовна имунизација, но со намалено темпо. Министерот за здравство Венко Филипче вели, во моментов нема доволно количини на вакцини за да споделиме и ние со оние соседи кои имаат помалку од нас.

„Се уште немаме толкава количина на вакцини за да може да сметаме и да размислуваме да дадеме на некој друг. Во тој момент кога ќе се исцрпат сите граѓани пријавени во листата за вакцинација, тогаш кога ќе ги отвориме вратите на вакциналните пунктови да се вакцинираат граѓаните и без закажување, според нашите очекувања и проценки тоа би можело да биде крајот на месец јуни почетокот на месец јули тогаш сметаме дека нашите потреби се целосно задоволени. И после тоа сите опции може да ги разговараме“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ ја повика тамошната влада да дозоли македонските граѓани непречено да се вакцинираат во Србија со вакцина по избор. Вучиќ рече дека земјата имала доволно вакцини за целиот регион. Ваквиот гест на Вучиќ, Филипче го оценува како гест на пријателство и добрососедство и вели оти не се работи за никаков договор помеѓу двете влади.

Во српскиот институт „Торлак“ веќе почна да се произведува руската вакцина „Спутник В“. Срските власти најавија дека приоритет за нарачка на оваа вакцина ќе имаат земјите од регионот.

За сега, Македонија ги чека нарачаните 500.000 дози од кинеската вакцина Синовак. Надлежните немаат точен датум кога ќе стигнат 200.000 руски вакцини купени директно од производителот, ниту пак најавената нова пратка на Фајзер која треба да стигне преку Ковакс механизмот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста