Дигитално родени

Дигитално родени

Кога јас бев дете имав голема чест да бидам современик на генерацијата наречена
Големата генерација (родени 1901-1927). Тие не само што беа современици на Тесла,
Ајнштајн и Фројд кога се удрени темелите на денешниот свет туку многумина од нив
лично ги познаваа луѓето според чии имиња денеска се именуват улици, школи и
јавни објекти. Иако беа дел од ,,големата генерација’’ сепак телевизорот наместо од
предвиденото копче го вклучуваа директно во штекерот. Телевизорот тогаш имаше
малку копчиња но, неговото вклучување им беше посигурно преку штекерот.
Доколку некој им ги смешаше малку работите со копчињата следуваше коментарот: ете,
расипан е телевизорот.
Денеска мојата Х-генерација (1965-1980) е сведок на новата генерација деца родени после
2014 година наречена Алфа генерација. За Алфа внуците карактеристично е што се
господари на интернет комуникацијата, порачуват храна преку интернет, учат преку
телефон и умеат да работат од дома. Ако се помали може да им се случи да го допрат
екранот на телевизорот мислејќи дека допираат дигитален екран. Притискаат на екранот
со прстот и очекуват со телевизорот да работат како со екранот на телефонот. Па,
откако телевизорот нема да ја вклучи допрената иконка следува коментар: ете
расипан е телевизорот.
Што е расипано, а што функционира ние од Х-генерацијата заедно со Тивката
генерација (1928 -1945), Бумерсите (1946 -1964), и Милениумците (1981-1994) знаеме
многу добро. Иако знаевме точно кога телевизорот е расипан се воздржувавме од почит
пред историјата на Големата генерација, а сега воздржано објаснуваме пред Алфа
внуците со почит кон иднината. И, се некако знаеме-ама се воздржуваме. Тоа ни е
главна карактеристика поради која светската наука нашите генерации од источна
Eвропа ги опишува со терминот ,,транзициска генерација’’.
Пеколот на транзицијата го започнавме со ветувањето дека оние црвени и жолти гумени
чизмички од иста југословенска фабрика ќе ги замениме со скапи имитации на
светските брендови на обувки и облека. Тивката генерација (најчесто нашите родители)
молчешкум ги изгради сите оние институции низ акции со патриотизам и посветеност на
семејството. Бумерсите беа научени да поседуват сопствено возило, дом и да градат
кариера, а милениумците пак имаа можност да ,,уживат во бавноста’’ на растурањето
на стекнатите стандарди. Но затоа сите заедно никако да престанеме да бидеме
генерација на транзиција. Не престануваме да чекаме да поминат реформите, да се смени
времето и да дојдат нашите подобри денови.

За генерацијата Зет (1994-2013) веќе е извесно дека е водечка генерација од прагот на
21 век. Тоа е генерација која го урна митот дека ,,многу работа носи подобро утре’’ па
не очекуваат дека некој ќе им ја смени судбината на подобро.
За среќа оние дигитални светови кои нам ни се чинеа отуѓувачки, чудни, денешната
младина ги усвои со голема љубопитност и како можност да се изгради сосема нов свет.
Затоа оваа генерација во развиените општества ја нарекуваат дигитално роденa.
За таа генерација без многу можности за улична гимнастика и игри, реалност се
бодибилдинг, тетоважи, јога, лесни дроги и еколошка свест. Религијата кај овие млади
луѓе е комплетно различно доживување. Можете ли да замислите каков предизвик е
наместо баба со свеќа во рака и со покриена глава, религиски да ве подучува бабата
која во младоста била активен учесник во ,,Сексуалната револуција’’ на 60 тите. Зет
генерацијата сепак живее помеѓу реалноста и фикцијата за луксуз, гламур, модни
дизајни и личен комфорт. Повеќето од мигрантите од третиот свет се припадници на Зет
генерацијата која е спремна да го зборува домашниот јазик на развиените земји
подготвена да се вклучи во сонот за живот во технолошки напредно општество.
Оваа генерација ја прифати комплетно политичката коректност со целосно почитување на
меѓучовечките разлики. Сепак во овие кругови е силно изразена атомизацијата на
човекот во општествената реалност. Широките политички платформи и стандардните
политичари тешко се пробиваат тука. Повеќето млади веруват во сопственото лично
снаоѓање, во солуција за себе и, за неколкумина блиски. Трибализмот е повеќе
карактеристика на новите времиња, а организирањето во помали заедници е во мода.
Истражувањата покажуват дека Зет генерацијата има интересен расчекор во идеолошка
смисла. Женските се по либерални од машките во однос на претходните генерации.
Порано жената претставуваше основа и инспирација за конзервативните убедувања на
машкиот свет. Некои велат дека тоа само така изгледа затоа што машките имат усвоено
крајно десни идеи кои биле карактеристични за претходни генерации.
Истражувачки центри во светот во 2024 година обраќаат внимание на Зет генерацијата
(која брои до три милијарди од светската популација) во поглед на две работи.
Највприн во 2024 година Зет генерацијата на одреден начин престанува да биде
младински импулс за човештвото. Таа позиција им ја отстапува на Алфа генерацијата
кои од година 2025 стануват тинејџери. Зет генерацијата го пречекорува прагот на
светот на возрасните.
Од друга страна 2024 година е светска изборна година. Избори по разни основи ќе се
одржат во повеќе од земјите во светот особено во Европа , Русија, а важна е за САД, за
земјите од Азија и Африка. Затоа надежта во светот и во нашата земја е токму во овие генерации кои живеат во Македонија и во дијаспората. Тие ги имаат сите сретства за информирање, ги имаат
пред себе потребните сознанија за политиката и политичарите додека податоците за нив
зборуват дека во најголем процент имат оформено образование и покрај тешките услови.
Истражувања зборуват дека младите не ја отфрлаат политката per se, туку само
нејзината искривена верзија која лесно ја препознават. Голем дел од младите тврдат
истражувањата се учесници во политичките активности, особено ги следат и излегуваат на
изборите и се главни носители на сите промени. Модерната демократија во моментот се
судира со олигархии и тирании но, сите се надеват дека таа ќе одржи висок степен.
Дека нема да има пад на демократските стандарди пошироко во светот. Параметрите на
демократијата докажано зависат од светот на дигиталната технологија и интернет
комуникацијата во која владее Зет генерацијата, параметрите исто така многу зависат
од меѓусебното почитување, од поддршката на институциите, особини кои се силна
страна на оваа генерација.
На крај, додека ние останатите генерации очекуваме да заврши транзицијата, да
поминат реформите и да дојде доброто време, да овозможиме Зет и Алфа
генерациите да ја продолжат својата вселенска мисија така што сите заедно да се
избориме демократијата да победи дома и во светот во 2024 година.
Да ја дочекаме и Бета генерацијата па, да имаме можност во демократија,
технотроничко општество и, како дел од развиените земји, да сведочиме за нашата
историска средба со Големата генерација која ја сонуваше денешницата.

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста