Џафери контра Ковачевски – Ќе ги номинира министрите на ВМРО ДПМНЕ

Џафери контра Ковачевски – Ќе ги номинира министрите на ВМРО ДПМНЕ

Талат Џафери контра Димитар Ковачевски. Новиот мандатар вели дека не го интересираат ставовите на неговиот претходник и дека во предлогот за состав на техничката Влада ќе ги стави и министрите номинирани од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, според познавачите, е само уште еден доказ кој пали и гаси во власта, дека ДУИ има поголема моќ од СДСМ и во суштина управува со процесите.

Дел од политичките аналитичари велат дека СДСМ поради катстрофалниот рејтинг прави се што од нив бара ДУИ во обид да ги одоброволи да излезат со заеднички листи на претстојните избори со што, колку толку, би се амортизирал неизбежниот пораз.

Без разлика на желботеката на политичките партии во однос на техничка влада и нивните потези, според познавачите едно е сигурно, техничка Влада ќе биде формирана, така налага законот.

Откако ВМРО-ДПМНЕ се изјасни дека нема да гласа Талат Џафери да стане премиер, Димитар Ковачевски се закани дека нема да бидат номинирани предлозите за министри од опозицијата, што во суштина е спротивно на законот за техничката Влада.

Инаку и СДСМ во 2016-та не гласаше за тогашниот кабинет на Емил Димитриев, а тогашните министри за внатрешни и за труд и социјала Оливер Спасовски и Фросина Ременски дури не беа ни присутни во Собранието кога беа избрани.

ВМРО-ДПМНЕ со месеци бараше да се донесат законски измени и да се укине техничката Влада, но СДСМ и ДУИ не го прифатија тоа, пред се заради нивниот коалициски договор во последните 100 дена од мандатот Македонија да ја предводи премиер предложен од ДУИ.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста