Дали власта ги искористи СЈО и ОЈО за промена на уставното име на Македонија?

Дали обвинителката Лиле Стефанова вчера ги потврди сомнежите дека Основното и Специјалното обвинителство, власта си ги користела како алатки за уцена кон пратеници од опозицијата, за да гласаат за уставните измени, со кои Република Македонија замина во историјата и стана Северна? Покрај вулгарностите од вчерашното рочиште и овој дел од сведочењето на Стефанова повторно ги разбуди шпекулациите за улогата на СЈО и на ОЈО, под покровителство на власта, во промената на името на државата.

Како што кажа обвинителката во писмо добиено од Наташа Савова, таа преку Сашо Мијалков ургирала Камчев да биде пуштен, во период кога било актуелно пуштање на лица од притвор поради промената на името на државата.

-Јас тоа ѝ го дадов на Јанева, а таа не ми одговори ниту пак го коментиравме повторно. Во тоа време беше актуелно лица да бидат пуштени од притвор заради некакви гласања во Собранието, кажа во судот Лиле Стефанова.

Сомнежи дека политичката елита на власт е вмешана во работата на обвинителите, со цел гласањето на уставните измени се појавија уште откако 8-те народни избраници кои беа дел од ВМРО-ДПМНЕ, во Собранието гласаа за измените, а четири од нив во тие моменти беа во судските клупи, во улога на обвинети. Од опозицијата уште на 19-ти октомври 2018, пред да биде отворен Уставот реагираа дека власта ги користи обвинителите за уцена на пратеници.

-Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени произлезени од договорот со Грција. Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание врз блиски роднини на пратениците, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе, изјави Јанушев на 19-ти октомври 2018-та година.

Со обвиненија во миговите кога се гласаа уставните измени беа пратениците Елизабета Канчевска Милевска, Сашо Василевски, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов. Поранешната министерка за култура е обвинета во случајот „Тендери“ на СЈО, а останатите тројца беа обвинети во случајот за настаните од 27 април, за подоцна да бидат амнестирани. Во овој процес претседател на судечкиот совет беше Добрила Кацарска, за која вчера Стефанова кажа дека вршела притисоци за да не му биде одреден притвор на Орце Камчев.

Обвинет, а сега и осуден на условна казна беше и Василије Авировиќ, син на пратеничката Владанка Авировиќ која даде поддршка за промената на името на Македонија.

Матеја Петровски 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста