Бугарија пред нови избори: Многу пати добиениот датум за Заев ќе го нема ниту оваа година?

Почнувајќи од 2018-та, па 2019-та, па 2020-та, па дури и во оваа 2021-ва, Македонија според премиерот Зоран Заев секоја година добиваше по неколку датуми за старт на преговори со Европската унија. Последниот можен според него, декември оваа година, по се изгледа на крајот сепак станува невозможен. Причината е што најверојатно Бугарија нема да добие Влада, па големи се шансите да се оди на нови парламентарни избори.

Откако не успеаја Бојко Борисов и Слави Трифонов, сега мандатот го доби Корнелија Нинова од БСП, но тешко е да се очекува дека ќе биде составена Влада. Со ова директно се удира по оптимизмот на Заев, кој најавуваше дека декември е можниот период за добивање датум, бидејќи Бугарија ќе имала политичка Влада. Тоа го порача премиерот кажувајќи дека претходно ветениот датум во јуни годинава, нема да го има.

-Имам чувство дека на 22-ри јуни нема да се реши, нема да се реши проблемот, затоа што Бугарија има техничка Влада и нема Парламент, но не е невозможно да се реши проблемот. Зошто го кажувам ова, за да не ги кренам очекувањата на сите заради тоа што реалност е во Буарија дека на 11-ти јули имаат избори. Но, истовремено имам чувство на одговорност пред нашиот народ, да кажам дека наша должност е да направиме се. И нема зијан ако направиме дури и успех и заклучиме од прилика договор кој што би бил верификуван од следна политичка Влада и Парламентот, изјави Заев.

Подоцна годинава Заев сепак со намален оптимизам, не сакаше да каже дека датумот ќе го имало до крајот на 2021-ва, велејќи да не се кревала надежта.

-Тоа е работа на Европската унија, кога ќе одлучат да го продолжиме процесот нека ни се јават. Ние во меѓувреме продолжуваме со европеизацијата овде. (Дали можеме да очекуваме во 2021 година да започнеме преговори?). Нели рековме да не ја дигаме надежта повторно сега, како да ја дигаме надежта повторно. Јас се надевам дека час поскоро тоа што го заслуживме како никој друг на европскиот континент, ќе го добиеме, изјави Заев.

А претходно Македонија неколку пати го добиваше датумот за старт на преговори, кој се уште го нема. Така беше на  втори јули 2018-та, кога Заев се пофали дека почнува и скрининг процесот, кој исто како и датумот се уште го нема. А истата година и од авион стигна пофалба од Заев дека датумот бил добиен.

-Скрининг процес почнува на 17 јули овде во Македонија. Тоа е доказ дека Македонија доби датум за преговори, доказ е дека Европскиот Совет никогаш повеќе нема да се навраќа да утврдува датум за преговори, изјави Заев во Собранието на 02.07.2018.

-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!, се фалеше Заев од авион.

Неисполнетите ветувања за преговорите со Европската унија Заев си ги користи и во предизборните кампањи. На пример на митингот во Шутка на 30 април 2019 година.

-Прво во Шуто Оризари сакам да ја споделам убавата вест. Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата заедничка земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара, велеше Заев во кампања на 30 април 2019-та година.

Инаку, претседателот на Бугарија, Румен Радев го предаде мандатот за состав на Владата партијата БСП на Корнелија Нинова, откако претходно беше во рацете на ГЕРБ на Бојко Борисов и партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов, кои не успеаја во намерите да состават Влада.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста