Сликата на терен една, Заев вели сосем друго: Во Скопје се гради со усул

Згради залепени една до друга, каде од тераса или прозор можете на соседот да му гледате директно во станот. Ваква е сликата во скопската населба Капиштец, близу булеварот Водњанска. Но слични, или идентични примери има и во останатите делови од метрополата. За граѓаните тоа е вистински урбанистички хаос, за премиерот Зоран Заев пак било градење со усул. Запрашан како очекува поддршка на локалните избори, кога не го исполниле едно од клучните ветувања, за средување на урбанистичкиот хаос во главниот град, Заев вели тоа не било вистина. Сега имало усул, се градело ама за развој на градот.

-Скопје се гради со усул, се гради и периферијата и централниот дел на градот, во сите општини рамноправно. Затоа што не смее и не треба да го запреме развојот на Скопје. Сега ставивме ред во растот и развојот на Скопје, се надевам и во следните четири години, како што очекуваме поддршка, ќе продолжи растот и развојот на градот со усул, изјави Заев.

Примери за урбанистичкиот хаос во Скопје има вио сите општини. Реакциите се бројни а најгласни беа за планираната бетонизација во срцето на градот. Висококатниците карши хотелот Холидеј Ин кои и покрај сите ветувања добија зелено светло. Заев тврди дека за ваквата состојба тие не биле виновни, оправдувањето го бара во деталните урбанистички планови донесени во минатото.

-Јас ви кажувам за анализата на сегашните одобренија на градба, издадени минатите четири години. Имате одобренија за градба издадени во 2013-та, 2015-та година, кои што се право на граѓаните. Такви имаме издадени одобренија и во градот Скопје и во Охрид, кои што се проблем за УНЕСКО. Денес сите овие проекти кои што беа замислени со 30, 50, 60 ката, максимален габарит, блокова поставеност, сите се откажани, изјави Заев.

Инаку, во пресрет на локалните избори, Заев како веќе да ја започна кампањата, денеска промовираше мост кој се уште не почнал ниту да се гради, но ветија ќе бил готов за 18 месеци. Со Заев во Карпош беа и Петре Шилегов и кандидатот за нов градоначалник на оваа општина од СДСМ, Душко Весковски. Инаку, како што е веќе познато Шилегов ќе трча по нов мандат, а против него ќе има тројца независни кандидати, две од нив од понежниот пол, Данела Арсовска и Ана Петровска, како и музичарот Петар Георгиевски Камиказа.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста