Бројките застрашувачки – ќе има ли нови мерки?

Рекордни 243 новозаболени од корона вирусот во Македонија и 4-ца починати за само 24 часа. За неполна недела регистрирани се речиси 1000 нови случаи. 

На овие неповолни бројки се приклучуваат и статистиките за смртноста. Македонија убедливо го држи првото место во регионот по бројот на смртни случаи, дури 350 на милион жители. Пораст има и на активните случаи и на хоспитализациите.

Комисијата за заразни болести викендов ја разгледува епидемиолошка состојба. Некои медиуми објавија дека во понеделник ќе и предложат на Владата скратување на работното време  на угостителските објекти до 22 часот, а во недела да не работи ништо, ниту маркети, ниту молови, ниту ресторани. Но од Министерството за здравство ги демантираат овие информации. Од таму велат дека засега нема одлука за нови мерки .

Доктор Игор Николов предупредува дека ситуацијата е алармантна.

  • Вчера имавме бројка која што е повеќе од 13 проценти. Тоа ќе го изложи здравствениот систем на уште поголем притисок, и ќе го изложи на еден голем предизвик кој ќе дојде во идниот период а тоа е, посебно за матичните лекари и здравствениот систем, да се направи разлика помеѓу обична настинка, грип и инфекција со Ковид. Доколку би бил тој што одлучува за препораки, јас сметам дека непотребно е движењето во ноќните часови на младата популација – вели доктор Николов.

Дали за 15-тина дена во Македонија ќе дојде до ескалација  на епидемиолошкита состојба со оглед на отварањето на градинките, игротеките и дел од училиштата? Николов вели – Дозволивме фијаско во здравствениот систем, погрешни чекори се прават  и во образованието.

  • За жал не видовме некои организирани мерки. Доколку не се превземе сериозна стратегија за образовниот процес, покрај тоа што се наоѓаме во една состојба да имаме црно сценарио, да порасне бројката, имаме и една состојба да нашите ученици останат, односно генерациите останат не доволно образовани, недоволно едуцирани – вели доктор Николов.

Во меѓувреме болничките капацитети низ државата се полнат, а болниците се снаоѓаат сами.  Министерство за здравство нема пари за долгонајавувани 16 монтажни болници и чека помош од Светската банка. Но кога ќе биде тоа, засега не се знае.  

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста