Мицкоски: За Гоце Делчев и за македонскиот јазик нема преговарање!

За Гоце Делчев и за македонскиот јазик нема преговарање, тоа е завршена работа, тоа е стекнато право. Гоце Делчев е дел од нашиот национален идентитет. Врз основа на тој лик ние сме создале држава, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

-Заев е виновен по многу работи. Но во овој случај имаше јасно подадена рака од опозицијата и јас тоа го кажав на првата лидерска средба која зборуваме за предвремените парламентарни избори, тоа беше оваа прва средба кај Стево Пендаровски кога требаше да се одржат предвремените избори на 12 април. Средбата некаде беше после она фијаско на октомврискиот самит на Европскиот совет кога не добивме јасно порака за отпочнување преговори и која се уште ја немаме иако е најавувана од пред две години. Уште тогаш реков да дадеме одговор на меморандумот којшто беше производ на Парламентот на нашиот источен сосед. И да дадеме одговор со консензус на сите политички партии, на тој начин ние ќе ја отцртаме нашата заедничка државна позиција и тоа практично ќе биде позиција зад која ќе застанат сите сериозни политички партии коишто имаат свои пратеници во Парламентот. Тогаш од страна на Зоран Заев и Стево Пендаровски бев убедуван дека тој документ кој е изработен во бугарскиот Парламент е документ кој практично служел за локалните избори кај нашиот источен сосед. И денеска, сега повторно гледаме една груба манипулација со јавноста, и тоа јавноста треба да го знае, а тоа е дека решението било дека нашиот источен сосед ќе си го чествува Гоце Делчев како нивен, а ние ќе си го чествуваме Гоце Делчев како наш, истакна тој во интервјуто.

Прашан „Дали тоа решение е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ“, Мицкоски одговара: 

„Сега е така ситуацијата, сега ние го чествуваме Гоце Делчев како Македонец, што и е, како човек што се борел за оваа современа македонска држава, кој што е опеан во нашата химна, којшто претставува дел од нашиот идентитет. Зошто ние преговараме кога и сега е така, а кај нашиот источен сосед си го чествуваат како нивен. Имаат град Гоце Делчев итн. Што е разликата од сегашната реална фактичка ситуација? Зошто сега ние фингираме разговори, ако за ова преговараме? Сега е така. Но, целта не е таква. Погледајте ја само последната изјава на еден европратеник кој доаѓа од редовите на владејачката партија кај нашиот источен сосед и тој ќе ви каже дека не е тоа тоа. Дека според нив ваквиот начин кон приоѓање на ликот и делот на Гоце Делчев преставувало фалшлива југословенска историја, дека требало да се сменат учебниците, дека требало комплетно историјата да се смени, практично ние треба прифаќајќи ги преговорите за ликот и делото на Гоце Делчев како држава да прифатиме дека сме нација која постои од 1945. Има ли поголемо понижување да преговарате и да велите дека нашите предци – мојата баба, мојот дедо, моите прабаба и прадедо кои загинале борејќи се за Македонија, коишто говореле македонски јазик, сето тоа да го поништиме и да го избришеме, затоа што сега некој неспособен политичар го ставил на маса за преговарање“.

РСЕ: Што е решението според Вас, Македонија да ги прекине преговорите ако ова е на масата?

-Во моментов, ако мене лично ме прашувате како Христијан Мицкоски, ќе ви одговорам дека за Гоце Делчев нема преговарање, за македонскиот јазик нема преговарање, тоа е завршена работа, тоа е стекнато право. Гоце Делчев е дел од нашата македонска национална химна, тоа е дел од нашиот национален идентитет. Врз основа на тој лик ние сме создале држава, одговара Мицкоски.

Целото интервју прочитајте го на Радио Слободна Европа.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста