Дали власта ја знае пресудата за Мијалков? Опозицијата обвинува за политички пазар, Села со интерпелација за Спасовски

Речиси никој во државата не верува дека немало договор меѓу Мијалков и власта. Но, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски убедува дека такво нешто навистина немало, а за тоа доказ ќе била пресудата во петок. Покрај можниот договор, тука се поставува прашањето дали Спасовски знае нешто повеќе од нас. Дали со оваа најава можеби знае каква пресуда ќе добие поранешниот директор на УБК, иако тоа не е работа на извршната власт, со оглед на тоа што судската е посебна не смее никој да влијае врз неа.

-И на крајот кој би бил договорот од овој настан, договорот да побегне или денеска договорот да ја издржува мерката куќен притвор. Значи нема никаков договор. Мислам дека изрекувањето на пресудата во петок, тоа не е никаква работа на Владата, тоа си е работа на судот, меѓутоа изрекувањето на пресудата ќе ги разреши сите можни дилеми на судот, изјави Спасовски.

Според опозицијата пак станува збор за сценарио, односно договор меѓу Мијалков и Заев.

-Циркус во кој што видовме дека нема п од правна држава и дека нема воопшто владеење на правото туку дека има едни мафијашки карталски договори во кои што договори треба да се избегне системот на владеење на правото, па прво заеднички се договорија бегалецот од правдата да избега за после тоа да ги испреговараат  неговите услови и да го вратат назад за да одглумат пред јавноста дека успеале да го вратат назад, а во суштина реагираа на она што се вика притисок од јавност и од опозицијата, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

По скандалите кои се случија деновиве интерпелација за првиот човек на МВР поднесе коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива. Зијадин Села вели ова театар, смешни сценарија на власта.

-Пак Сашо Мијалков е во домашен притвор. Ова е најскандалозно што покажува сценарио меѓу Зоран Заев и Сашо Мијалков, изјави Зијадин Села.

Сашо Мијалков во петок треба да ја слушне пресудата за случајот Таргет Тврдина каде е првообвинет, а Обвинителството побара максимална казна за него, односно 13 години затвор.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста