Британската мутација на корона ја зема првата жртва во Македонија

Новиот британски сој на корона вирусот ја зема првата жртва во Македонија. Според информациите од Министерството за здравство, се работи за пациент на 46 годишна возраст, кој починал поради компликации од вирусот. Пациентот бил примен во приватна болница на 4 јануари, а почонал четири дена подоцна. Имал зголемена телесна тежина како дополнителен здравствен проблем. Здравствените власти смируваат – британската мутација е позаразна, но не и посмртоносна.

„Тоа што е можно, евентуално, е да оваа мутација на вирус е присутна во последните повеќе недели кога после падот има едно има едно израмнување на кривата. Но, во секој случај тоа што е многу битно е што нема влошување во смисла зголемување на бројот на
случаите. Се уште не е исклучена можноста, можно е тоа да се случи затоа сме многу внимателни со препораките, со мерките, сите за сега остануваат исти“, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

Британската мутација на корона вирусот е детектирана кај уште двајца пациенти, од Скопје и од Охрид. Првиот случај на британска мутација беше потврден пред три дена во лабораторијата за генетика во Клиничката болница Жан Митрев. Се работеше за пациент од Скопје на 46 годишна возраст кој се лекувал во приватната болница, а веќе седум дена се води како оздравен. Пациентот кој прв пат за вирусот се тестирал на 29 декември отвори сомнеж дека британскиот сој во Македонија е присутен речиси два месеци.
Докторите алармираат оти новиот британски сој е за 70 отсто позаразен и тој за брзо време ќе стане доминантен во Македонија.

„Треба да бидеме внимателни, да поимаме дека британскиот сој циркулира кај нас, дека поради неговите веќе откриени особености најверојатно ќе стане се подоминантен и да бидеме во постојан мониторинг со воведување нови методологии. Препораката од СЗО и Европскиот центар за контрола на заразни болести е барем пет отсто од сите позитивни изолати да се секвенционираат“, рече пред два дена доктор Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина при Клиниката „Жан Митрев“.

Новиот британски сој на корона вирусот, кој е потврден во 70 земји во светот, ги заостри рестриктивните мерки во западноевропските земји. По Норвешка и Германија, и Чешка одлучи да забрани влез во државата за странци. Франција, пак ги затвора границите за патници кои не се од ЕУ.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста