Боки 13: Имав поддршка од Заев, Спасовски, Царовска, од цела Влада

Цела Влада ги поддржуваше проектите на Меѓународниот сојуз, првата средба со Силјан Мицевски ми ја договори Александар Кирацовски, тврди Боки 13. Во своите воведни зборови на судењето за „Меѓународен сојуз“, кажа дека директна поддршка за неговите проекти имал од сега техничкиот премиер, а тогаш министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, од лидерот на СДСМ Зоран Заев, како и од Мила Царовска.

-Имав поддршка од Владата, со функционери многу повисоки од неа. Од Оливер Спасовски имав поддршка за проектот: „Стоп за децата на улица“. Имав прием кај премиерот Зоран Заев, има записник, договаравме меморандум за соработка. Јас ли сум крив што сум имал идеја да направам самоодржлив проект што не може ни министерството за труд и социјала да го направи? Цела Влада стоеше зад овој проект, па и дел од локалната власт, кажа Јовановски пред судот.

Јовановски се осврна и на статусот на Фросина Ременски во овој предмет. Таа е обвинета дека давала поддршка на неговата невладина, а со својот углед и авторитет ги измамила Силјан Мицевски и Ардијан Амзовски да инвестираат во Меѓународниот сојуз. Но, Боки13 смета дека во таква позиција би требало да се стават и други од власта, споменувајќи ги градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на Карпош Стефан Богоев и градоначалничката на Битола Наташа Петровска. Своите воведни зборови пред судот ги даде и Ременски, порачувајќи дека во текот на судскиот процес ќе докажела дека е невина.

-Во текот на постапката ќе негираме и ќе докажуваме дека нема кривично дело од страна на Јавното обвинителство кое што ни се става на товар, а тоа е помагањето во измамата, изјави Ременски.

Своите воведни зборови пред судот ги даде и Јасна Ерцеговиќ Мандиќ, велејќи дека не е виновна, дека ниту сторила, ниту ќе стори измама. Тужба се клевета против Боки 13 најави Мила Царовска, најостро демантирајќи ги сите како што ги нарекува дрски лаги и конструкции изнесени од страна на Бојан Јовановски, за поврзаност со проектот на ГП Пелистер.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста