Без преправки ВМРО-ДПМНЕ му ја врати интерпелацијата на Џафери

ВМРО-ДПМНЕ му ја врати интерпелацијата на собранискиот спикер Талат Џафери без никакви исправки. Забелешките дека е прекршен членот 136 од собранискиот деловник, за пратеничката група се неосновани. Координаторот Никола Мицевски вели дека членот на кој се повикува Џафери се однесува на поднесување на предлог на закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог на закон.

Интерпелацијата беше поднесена од опозицијата откако Џафери наместо на македонски како официјален јазик, во Европскиот Парламент се обрати на албански јазик со што го прекрши македонскиот Устав. Џафери реагираше и дека формата во која е доставена интерпелацијата е неприфатлива бидејќи не било користено новото уставно име.

А користењето на „северна“ е условот кој го поставува мнозинството за да ја прифати и Резолуцијата за македонските црвени линии. Од Кабинетот на Џафери за Алфа потврдија дека собранискиот спикер ќе го дополни дневниот ред на седницата во четврток и текстот на Резолуцијата ќе се најде пред пратениците иако не е доставена со името Република Северна Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат и СДСМ и сите албански партии да застанат на една страна и национално да се обединат во преговорите со Бугарија.

ВМРО-ДПМНЕ, бара со оваа резолуција, Собранието, да ја обврзе Владата, и сите институции во надворешната политика, да постапуваат, според овие позиции..

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста