Мицкоски: власта да собере храброст и да застане на страната на македонските национални интереси

Владината коалиција барем еднаш да собере храброст и да застане на страна на македонските национални интереси. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Битола го повика премиерот Зоран Заев и коалиционите партнери да ја поддржат Резолуцијата која ќе ги исцрта црвените линии во преговорите со Бугарија. Апелираше и до албанските партии, кога текстот ќе се најде пред пратениците да го прифатат таков каков што е без измени.

А албанскиот блок парламентарни партии гледаат штета за државата ако резолуцијата која ја достави ВМРО-ДПМНЕ биде изгласана во Собранието. Актуелниот министер за земјоделие и генерален секретар на БЕСА Аријанит Хоџа на страна на коалиционите партнери во владата вели оти вака поставените црвени линии ќе донеле штета на преговарачката позиција на нашата држава.

Откако првично најави дека владејачката парија во целост го прифаќа текстот онаков како што беше објавен, премиерот Зоран Заев експресно го смени ставот и постави услов до опозицијата – ако во Резолуцијата го нема новото уставно име Република Северна Македонија СДСМ нема да ја даде поддршката.  

И коалициониот партнер ДУИ менува ставови – прво бараше да се напише од почеток, а потоа не била спорна содржината на текстот. Сега најавува дека партиските органи на ДУИ ќе излезеле со целосна поддршка.

Од Алијанса на Албанците се уште тактизираат со Резолуцијата. Генералниот секретар на партијата Арбен Таравари вели дека нема ништо спорно во текстот кој повикува на национално обединување на клучните македонски интереси, ама немало да го кажуваат својот став додека документот не биде ставен на дневен ред пред пратениците.

Според најавите документот со кој ВМРО-ДПМНЕ бара национално обединување најверојатно ќе се најде пред пратениците веќе во четврток, откако собранискиот спикер Џафери потврди дека ја примил Резолуцијата, но останува нејасно дали истата ќе трпи промени по условите кои ги постави мнозинството.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста