Али Ахмети ја смири ситуацијата во ДУИ- Меџити не се согласува со сите решенија, но ќе гласа за новата Влада

Али Ахмети барем засега ја смири ситуацијата во ДУИ. И покрај противењето на скопското крило, дел од новата Влада на функциите прв вицепремиер и министер за надворешни работи, ќе бидат Артан Груби и Бујар Османи.

Мандаторот Зоран Заев кој поднесе оставка од позицијата пратеник, кажа дека најверојатно утре, предлог составот  на новата Влада ќе биде испратен до Собранието.

-Денеска ќе се утврди бројот на потпретседатели на парламентот и ќе се верифицираат мандатите на пратениците, кои влегуваат на местата на оние пратеници кои излегуваат од Парламентот, поради други функции во извршната власт. Кога ќе заврши оваа процедура, ќе го поднесам предлогот за влада, кажа Заев.

Предлогот за состав на Владата беше заглавен во фиоката на Заев поради внатрепартиските проблеми во ДУИ. Скопскиот блок на интегративците предводен од пратениците Изет Меџити и Арбен Зибери, беа незадоволни од кадровските решенија на Ахмети. Ова го потврди токму Меџити, која кажа дека ќе гласа за новата Влада, но дека последниот збор го имал партискиот лидер.

-Дебатиравме долго во партијата, последниот збор го има претседателот на партијата. Не сакам јас да придонесам за рушење на една влада која ја има поддршката на нашите меѓународни партнери. Во демократијата е вредност да се бориш за своите ставови, но победува мнозинството. Јас ќе гласам за новата влада, изјави Меџити.

Покрај Заев и другите членови на следната Влада даваат оставки во Собранието, а на нивно место пристигнуваат други пратеници. Токму овој момент е спорен за опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ решија да ја напуштат седницата и да не учествуваат на другите, додека трае верификацијата на новите мандати.

Велат не се почитува собранискиот деловник, со оглед на тоа што верификацијата на новите пратенички мандати оди преку Верификационата комисија, чиј мандат заврши со изборот на собраниски спикер, па сега надлежноста за тоа е во рацете на Мандатно имунитетната комисија, која се уште не е составена.

-Верификационата комисија престанала да постои после првата конститутивна седница, вашите недокажани објаснувања не ви даваат за право да веруваме дека ќе ги почитувате забелешките и она што деловнички е предвидено согласно Деловникот за работа на Собранието, изјави пратеникот Никола Мицевски.

Според неофицијални информации седницата за гласање на новата Влада, би требало да започне во петок, а најдоцна до недела на полноќ да биде истата изгласана, со оглед на тоа што пратениците имаат два дена за дискусија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста