Ангеловска на 6 јуни знаела за пропаста на „Еуростандард“, а парите ги повлекла 20 дена потоа
Министерката за финансии Нина Ангеловска 20 дена пред да го повлече последниот дел од парите во Еуростандард знаела дека банката ќе пропадне.
Државната комисија за спречување корупција, според целосната документација од Министерство за финансии и Народна Банка, потврди дека постои писмен доказ за средба на Ангеловска со останатите членови на Комитетот за финансиска стабилност на 4 јуни, на која детално се разговарало што се случува со банката, а по само 20 дена, пријавила дека го подигнала последниот дел од нејзината заштеда од 250 илјади eвра.
Од Антикорупциска велат дека не покренуваат санкции против министерката, а не било нивна надлежноста кривично да ја гонат, иако сомнеж очигледно постои. Тука се поставува прашањето дали случајот ќе оди во рацете на Јавното обвинителство?
Според претседателката на Антикорупциска, членовите на Владата и носителите на јавни фукнции посебно треба да водат сметка за почитување на Законот за судир на интереси, но и да избегнат било каков сомнеж дали постои судир на интереси. Таа посочи и дека Законот за Народна Банка предвидува одржување редовни состаноци на министерот за финансии со Комитетот за финансиска стабилност а нивната комуникација е уредена и со меморандум, кој во април е дополнет и доуреден. Од комисијата за спречување корупција ќе препорачаат да се доуредат прописите, за соработка помеѓу Народната банка и Министерството за финансии и останатите регулаторни тела, како би се додале уредби со кои ќе се спречат можностите функционер да ги злоупотребува информациите за свои цели, како што е случајот со Ангеловска, која доби предност во однос на другите штедачи во банката и ги повлече своите финансиски средства пред да пропадне банката.
Инаку во периодот откако Ангеловска е министер за финансии одржани се два состаноци на Комитетот за финансиска стабилност на 19 март и на 30 април, а записниците, не упатуваат дека се разговарало за Еуростандар банка.
Јавноста и сите клиенти на банката се револтирани дека министерката благодарение на нејзината позиција, ја спасила својата заштеда знаејќи дека банката оди под стечај, додека сите други штедачи ги загубија парите и не знаат дали некогаш ќе можат да ги вратат.
Адријана Алексиеска