Тутунарите бараат премиерот Ковачевски лично да се заземе за нив, во спротивно, со блокади ќе ја парализираат цела држава

На само еден месец пред почетокот на откупот на тутунот, тутунарите гневни на досегашниот игнорантски однос од надлежните институции околу молкот за откупните цени. Овој пат тие бараат помош од премиерот Ковачевски, кој, како што велат во писмената реакција,  презентирајќи го сетот мерки за најранливите категории, не ги ни спомнал земјоделците, а особено не тутунарите.

Господине Ковачевски – имате доволно време пред почетокот на откупот на тутун во државата за оваа реколта за да реагирате на време и да изнајдете начин за покачување на цените по класи. Од вас зависи дали ќе застанете зад интересот на 100.000 граѓани производители на тутун, или зад интересите и екстра профитот на поединци. Затоа предупредуваме на време за решение, за да не се доведеме во ситуација  тутунарите да излезат со блокади на патиштата барајќи парче леб, а наместо решение да бидат етикетирани и обвинувани за политика“, – стои во писмената реакција на Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани тутунски здруженија.

Дека државата целосно ги маргинализира земјоделците, особено во услови на висока двоцифрена инфлација, континуирано реагираат и од другите земјоделски асоцијации.

„Аграрна стратегија за земјоделието не мисли државата да прави, барем еве, се’ до ден – денес нема направено…Ние земјоделците, последниве 4-5 години работиме со загуба. Откупната цена е повисока од производната“, – вели Тони Ангелески, земјоделец.

Доколку и премиерот Ковачевски се оглуши на овие последни земјоделски барања, земјоделците се закануваат со блокади кои ќе ја парализираат целата држава, бидејќи, велат дека немаат што повеќе да изгубат.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста