30 започнати, а недовршени седници, и околу 80-тина клучни закони – Собранието не мрда од место

Петти ден како пратениците се вратени во собраниските клупи ама се уште Собранието како да не функционира. Речиси 30 седници ги чекаат своите продолженија, а некои од нив треба да бидат закажани и по десетти пат. Најчеста причина за прекинувањето на седниците беше проблемот со кворумот, што се случи и со последната седница одржана пред одморот на пратениците.

Од вкупно 973 точки на дневен ред на пленарни седници, неразгледани останале 80, од причина што во комисиите не се одржале седници. Пред почетокот на колективниот одмор, претседателот на Собранието Талат Џафери ги повика народните избраници да ги закажат матичните Комисии на останатите предлог-закони, но поради неможност тоа да се случи, бидејќи ретко кој од пратениците доаѓаше на работа, во игра беше и предвремено распуштање на Собранието. Сепак тоа не се случи, пратениците на одмор заминаа на 1 август, се вратија на 26, но до сега се одржаа продолженија на Комисијата за избори и именувања и Комисијата за одбрана. Според она што како насоки го добиле пратениците, денеска на дневен ред на Комисијата за одбрана требаше да биде точката за продолжување на енергетската кризна состојба до март 2023 година, за што од ВМРО-ДПМНЕ беа децидни дека нема да го поддржат овој предлог закон бидејќи се сомневаат дека власта ќе ја злоупотреби кризната состојба. Собраниските челници очигледно го промениле дневниот ред, па така денеска пратениците расправаат по точката за испраќање на припадник на Армијата за учество во меѓународна операција на Организацијата на обединетите нации во Република Либан.

Најмногу заглавени закони има на Комисијата за политички систем со која претседава Соња Мираковска од НСДП. Според информациите од Кабинетот на Џафери споделени на крајот на јули, се работи за 36 предлог закони. Меѓу нив се законот за прекршоци, Изборниот законик кој чека јавна расправа, Законите за влада и за пратеници,извештај од Антикорупциската комисија и неколку закони од Левица.

Меѓу седниците кои треба да имаат свои продолженија се и седниците на Комисијата за финансирање и буџет, Комисијата за транспорт, Комисијата за труд и социјална политика и онаа за Европски прашања на која чекаат 11 закони. Комисијата за земјоделство и шумарство треба да расправа за 10 закони.

Комисијата за здравство, со која претседава Арбен Зибери од ДУИ доцни со 16 закони, од кои прв е законот за проектот „Нов Клинички центар“. А Комисијата а образование има осум незавршени седници. Комисијата за надворешна политипа пак има седум незакажани седници и една одложена.

Инаку според распоредот, на 9 септември е закажана Свечена седница и обраќање на претседателот на Италија, на новата пленарна ќе се случи на 14 септември.

Во меѓувреме, опозициските пратеници повеќе пати најавија дека продолжуваат со активната блокада, за закони за кои тие сметаат дека се на штета на народот. 

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста