Нова енергетска кризна состојба, од денеска стапуваат во сила мерките за штедење струја

Новата енергетска кризна состојба од денеска стапи на сила. Државната ЕСМ веднаш доби дополнителни 50 милиони евра и тоа директно од државниот буџет, откако пред неколку дена министерството за финансии зема кредит во истата вредност од Шпаркасе банка. Парите треба да бидат наменети за ЕСМ да го зголеми производството и да купи јаглен и мазут.

Од денеска стапуваат на сила и мерките за штедење. За граѓаните и фирмите има само препораки, а за државните институции и санкции за директорите ако не се намали потрошувачката за 15%. Навечер треба да биде изгаснато уличното осветлување на секоја втора улица, исто како и декоративното осветлување на зградите на државните органи. Преку ден треба климатизерите да се постават на ладење на најмалку 27%, да се користат скалила, а не лифт, да се штеди на осветлување, да се гасат компјутерите по работа и минимално да се користат принтери.

Од она што на првиот ден го видовме на терен, голем дел од институциите ги почитуваат мерките. Сепак, ако вработените колку толку можат да се контролираат, клиентите не. Така на пример во зградата кадешто се сместени Регулаторната комисија за енергетика, Комисијата за хартии од вредност, Македонска навигација и Агенција за супервизија на осигурувањето, клиентите го користат лифтот до повисоките спратови. За волја на вистината, тој не е осветлен, па треба да се возат во темнина. Претседателот на РКЕ тврди дека денеска отишол на работа во истата зграда на 6-ти спрат, одејќи по скалилата.

„Денеска дојдов по скали на работа, имам проблеми со тежината и планирам да ја намалам. Како што гледате, светлото е ограничено, немаме пуштено ладење, така што апсолутно сите мерки коишто се за штедење ќе ги преземеме и тие се мерки коишто не ги презема само Македонија, ги преземаат и соседните земји, земји од ЕУ . Сметам дека целата јавност треба малку посериозно да се однесува кон овие мерки за штедење, бидејќи во услови на цена на електрична енергија на берзите од 700-800 евра мислам дека ниедна компанија не може нормално да работи со оваа цена особено, компаниите коишто имаат производен процес“ – вели Бислимовски.

Во меѓувреме, граѓаните го кренаа својот глас откако ги добија новите сметки за струја. Револтирани се поради презентацијата на сумите – посебно за основниот продукт струјата, а посебно за мрежарина и дистрибуција. Гневни се бидејќи трошокот за пренос бил поголем од трошокот за струја. Бислимовски уверува дека се работи само за подетална презентација на сумите, а не и за скриен или дополнителен трошок. Сепак, признава дека ставката за мрежарина била поскапена од први јули. Регулаторна треба да направи анализа и за маржите за трговците со струја, откако бизнисот го побара тоа поради превисоките цени на електричната енергија. Бислимовски вели дека измени можат да се направат и дека моменталните маржи на трговците не надминуваат 25%.

„За првите шест месеци продажната цена на снабдувачите во нашата држава е пониска од набавната цена поради тоа што поголемите снабдувачи имаат договори коишто се направени по далеку пониски цени и поради тоа ја имаме таа ситуација. Некаде во јули или август ги немаме добиено податоците, но тоа што го добиваме од компаниите маржата се движи од 5 до 20 проценти, па некаде и 25 проценти, но се уште немаме добиено конечни податоци“ – рече Бислимоски.

Откако опозицијата обвини дека ЕСМ вишоците домашната струја во раните утрински часови ги продава со попуст од 50% кои трговците ги препродаваат и на крај завршуваат на странските пазари, Бислимовски вели дека овие вишоци би се изгубиле во системот, па добро било што воопшто и се продавале независно од цената. Од опозицисјката ВМРО- ДПМНЕ веќе се изјаснија дека се против прогласување на енергетска кризна состојба, бидејќи според партијата, тоа било начин да се склучуваат договори во 4 очи и да се краде врз грбот на граѓаните.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста