18 месеци македонските власти не направија анализа зошто толку луѓе ни умираат од Ковид 19?

Министерството за здравство без одговор дали се подготвува детална анализа за високата смртност од Ковид 19, која земјава ја искачи на врвот во регионот и во Европа? Јавноста бара одговори, зошто за неполни 18 месеци починаа близу 6500 пациенти и кои се причините поради кои над 6000 семејства останаа завиени во црно? Докторите пак се погласно зборуваат дека една од причините за големата стапка на смртност е недостигот на унифициран протокол за лекување. Но, не помалку важно е и тоа што во целиот процес на лекување на ковид пациенти е и недостигот на стручен кадар.

„Ние немаме доволно едуциран, остручен и обучен кадар којшто таквите пациенти ќе ги следи на респираторна машина. Поминаа 18 месеци од почетокот на пандемијата и цело време во текот на сите овие четири брана кои што не задесија, ние констатираме дека пациенти ни умираат во респираторна слабост. И не смогнавме сили, барем триесетина млади доктори да ги пратиме на интензивна обука за работа со респираторни машини“, вели специјалистот Андон Чибишев.

Надлежните пак со поинакви изговори. Министерот за здравство Венко Филипче во повеќе наврати објаснуваше дека граѓаните биле виновни што не го почитувале мерките и оти високата смртност се должи на тоа што пациентите доцна се јавувале на преглед. За починатите постојано се зборува оти тоа биле луѓе со слаб имунолошки систем и со низа претходни хронични заболувања. Дел од лекарите пак прстот го вперуваа и во недостигот на свест за превенција на сопственото здравје.
Но, дел од докторите од Ковид центрите сепак признаваат дека ковид пациенти се лекувале според неусогласени протоколи.

„Ние се насочувавме врз основа на искуствата на другите ковид центри, светски центри кои лекуваат ковид пациенти, а унифицираниот протокол за лекување најверојатно доцнеше“, вели доктор Фадил Цана од Клиниката за Инфективни болести.

Во меѓувреме, стариот летен бран се уште не е завршен, а познавачите веќе алармираат дека наскоро не очекува нов, уште посилен есенски корона удар. Ковид билтенот и натаму бележи висока бројка на починати – само вчера битката со вирусот ја загубија четврица млади пациенти на возраст помеѓу 30 и 40 години.

Според смртноста во последните 7 дена, Македонија е на второто место во Европа, веднаш зад Црна Гора.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста