Арсовски тврди дека има нови докази дека Весковски и Шилегов работеле без тендер

Директорот на ЈП Водовод и канализација брише документација за да го скрие скандалот со местење тендери обвинува опозицијата која денеска обелодени нови докази дека Душко Весковски незаконски нарачал реконструкција на водоводна мрежа без избор на најповолен понудувач.

На ул.Варшавска се вршеле интервенции во водоводната мрежа месеци пред да биде избран најповолен понудувач. Како докази, опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави документ за барање за надзор од 24 јули а истиот бил извршен на 11 август. Од партијата предупредуваат дека документите за времена ситуација кои ги изготвуваат градежни инжењери од надзорот на работата биле фалсификувани.

Јасно пишува на извештајот дека инвеститор е ЈП Водовод и канализација, а изведувач е КОДИНГ. На истиот документ јасно пишува од страна на надзорот, дека на 12-ти август изведувач е КОДИНГ и веќе на тој истиот датум е стигнато и изведено до точка 18 согласно планот за активности. Она што е уште поголем доказ дека фирмата работи без тендер е тоа што јасно надзорот посочува, потенцира и пишува дека нема договор со изведувачот. Надзорот исто така наведува дека на 20-ти август водоводот се завршува и потоа отпочнала со реконструкција  на канализационата мрежа- изјави Димче Арсовски – портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Директорот на ЈП Водовод и канализација со контра напад – документите со кои манипулира ВМРО-ДПМНЕ биле со цел негова лична дискредитација во пресрет на Локалните избори.

По завршената негативна аукција на 09.10.2020 година склучен е договор со посочената фирма по што истата е воведена во работа. На 30.10.2020 година завршена е реконструкцијата на канализационата мрежа а на 25.12.2020 година е завршена реконструкцијата на водоводната мрежа. За изведените градежни работи уредно се водени градежни дневници и книги, потпишани од овластен надзор и техничко лице. Во прилог ви ја доставувам на увид градежната документација-изјави Душко Весковски – директор на ЈП Водовод и канализација.

Опозицијата предупредува за огромен скандал во Град Скопје и ЈП Водовод и канализација, а институциите трет ден молчат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста