Ќе се троши повеќе – министерството за транспорт бара плус 5 милиони евра за гасификација

Наместо да штеди, уште повеќе ќе троши. Министерството за транспорт ќе побара дополнителни 5 милиони евра наменети за гасификација со прекројувањето на државната каса – најави денеска министерот Бочварски. Ниту најголемиот буџет досега нема да биде доволен за сите проекти кои министерството сака да ги спроведе. Бочварски очекува Владата да има слух за неговото барање и да ги префрли парите. Според него, најголем дел од финансиите на неговото министерство не требало да бидат скратени и сите капитални инвестиции да се реализираат.

„Секогаш кога се прават ребаланси на буџетот гледаме средствата кои се наменети за инфраструктура да ги задржиме со цел што е можно повеќе средства да инвестираме во инфраструктура бидејжи тоа е повеќекратен бенефит за државата во безбедноста на граѓаните. Во моментов сме во фаза на ребаланс на буџетот и ќе побараме дополнителни средства, на пример за изградба на гасоводите каде што имаме реално доста добра реализација. Секаде каде што имаме добра реализација ќе побараме дополнителни средства. Не е штета доколку инвестираме во инфраструктура, такашто очекувам сите средства кои се наменети за инфраструктура во најголем дел да ги задржиме со цел да ги инвестираме и до крај на годината да го подигнеме процентот на реализација“ – рече Бочварски.

Министерството за транспорт доби дополнителни 100 милиони евра за изградба на три автопатски делници долж коридорите 8 и 10, договорени преку директна спогодба со американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка. Кон крајот на јуни конечно треба да продолжи и изградбата на долгоочекуваната железничка пруга кон Бугарија. Ова го најави директорот на Железници- Инфраструктура Хари Локвенец. Уверува дека овој пат ќе се работело на првите две делници Куманово – Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка. Овој повеќедецениски проект конечно треба да биде готов до 2027-ма година.

Владата за годинава имаше амбициозен план за реализација на капитални проекти од над 600 милиони евра, кој тешко ќе стане реалност. Според податоците на министерството за финансии, до минатата недела, биле потрошени 104 милиони евра за капитални расходи или едвај 16,7% од планираното.

Ребалансот на буџетот е во тек и треба да биде објавен наскоро. Премиерот Ковачевски информираше дека калкулациите на расходите се веќе завршени и се работи на приходната страна. Прекроениот буџет треба да се најде пред пратениците кон крајот на месецов.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста