Ѓорѓиев: Историјата не смее да биде дел од преговорите со ЕУ

Историјата не смее да се претвори во услов за членство во Европската Унија, непотребно ќе се комплицира целиот процес кој се однесува на иднината наша – па не треба да се меша историјата, вели претседателот на македонскиот дел од историската комисија, Драги Ѓорѓиев.

„Тоа се билатерални историографски недоразбирања помеѓу Македонија и Бугарија и тие треба да бидат надвор од политичкиот процес. Разговорите околу историските недоразбирања може да траат со децении. Бидејќи кога се зборува за интеграција на Македонија во Европската унија, тогаш минатото кое што е конфликтно со Бугарија може само повеќе да го забави тој процес.“ – Изјави д-р Драги Ѓорѓиев.

Сега нема толку притисоци врз комисијата ни од Бугарите, вели Ѓорѓиев.

„Во последно време не постои никаков притисок. Може да видите и од изјавите на политичари, посебно од Бугарија, не се спомнува истириската комисија. Така и треба да биде. Ние работиме во еден политички контекст, не може да го апстрахираме тоа, меѓутоа, го нема тој притисок и таа постојана тензија за резлутатите на интеграцијата да зависат од комисијата.“ – Истакна Ѓорѓиев.

За разлика од транспарентноста на неговиот бугарски колега Димитров, кој често изнесува антимакедонски ставови но и детали од состаноците на комисијата, Ѓорѓиев смета дека треба прво согласност од двете влади кога ќе се донесат заклучоци за заеднички чествувања на некои личности – па дури потоа изјави и соопштенија.

Инаку, денеска историчарите во МАНУ, одбележаа 100 години од раѓањето на Крсте Црвенковски и 20 години од неговата смрт. Еден од најзначајните македонски личности во периодот на југословенска федерација, кој отворено говорел за македонските интереси.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста