Македонија, Црна Гора и Бугарија му застанаа на патот до Србија на Лавров, Русија бесна

Затвореното небо на Македонија, Црна Гора и Бугарија за прелет на руски авиони, му го затвори патот до Србија на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Посетата беше предвидено да трае два дена ама министерставата за надворешни работи на Македонија, Црна Гора и Бугарија не дадоа дозвола за  прелет на авионот на рускиот дипломат. Официјална  Москва е гневна на ваквиот потег. Лавров изјави дека се случи нешто незамисливо. На суверената држава и е одземено правото да води надворешна политика, а меѓународните активности на Србија во насока на Русија се блокирани.

Главната работа е што никој нема да може да ги уништи нашите односи со Србија, како и дека НАТО и ЕУ сакаат да го претворат Балканот во свој проект наречен „Затворен Балкан„Ова е многу поучна информација, што ЕУ ги активира најниските начини на дејствување врз лидерите на оние земји кои не сакаат да го потиснат нивното достоинство и интереси, а сето тоа е спротивно на меѓународното право. Посетата на министерот за надворешни работи на Русија на Србија од страна на ЕУ беше сфатена како закана, изјави Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

РИА Новости пред официјалната изјава на Лавров објави дека Русија би можела да ги отповика амбасадорите на Македонија, Црна Гора и Бугарија повикувајки се на изјава на рускиот дипломат Сергеј Орџоникиџе. Сепак  Лавров со поблаги изјави, вината според него  е кај западот кој им стои на патот на надворешните контакти на суверена и слободна земја како Србија.

Одлуките кои беа донесени од некои членки на НАТО и одлуките кои ја спречија посетата на Србија од страна на рускиот министер за надворешни работи секако дека се незамисливи. Го разбирам интересот кој го покажавте за нашата проценка на овие срамни постапки. Ова е лишење  од правото на една суверена држава да ја води својата надворешна политика, изјави Сергеј Лавров – министер за надворешни работи на Русија.

Премиерот Ковачевски не стравува од одговор од Русија. Вели дека се додека на сила се санкциите на НАТО партнерите, забраната за прелет на руски авиони по македонското небо останува.

Ние имаме донесено одлука, забрана за прелет на руски авиопревозници преку територијата на нашата држава. Ние сме членка на НАТО што значи дека одлуките кои се носат во НАТО се и наши одлуки и ние имаме целосно усогласена надворешна политика со политиката на Европската Унија. Во однос на конкретниот авионски лет нема никаков друг третман во однос на одлуката која е веќе донесена која е во сила и која останува во сила, изјави Димитар Ковачевски – премиер на Македонија


И Вучиќ потврди дека нема да има ништо од посетата на Лавров. Тој на инстаграм напиша дека  бил информиран за причините што го спречија министерот Лавров да дојде во Белград . Повеќе за сѐ ќе зборувам на РТС1 во Дневникот “, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста