„Црно семе“ и „Црнила“ избришани од средното стручно образование: Македонски средношколци нема да читаат за состојбата на Македонците во Бугарија и во Егејска Македонија

„Како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век„ – оваа позната реченица од книгата „Црнила„ на Коле Чашуле веќе нема да допира до македонските средношколци. Нема ни да го прочитаат цитатот „Ајде потпиши дека си коњ, кога не си коњ„ од романот „Црно Семе„ на Ташко Георѓиевски. Двете антологиски дела се тргнати од програмата во средното стручно образование, потврдуваат професори по македонски јазик за Алфа телевизија. Официјално нема никакво образложение од бирото за развој или од другите образовни институции. Сепак, дел до професорската фела се сомневаат дека мотивот за цензурата на овие две дела во средното образование е што едното се занимава со состојбата на Македонците во Бугарија, другото со егејците.

Дејството на Црнила се случува во 1921 година во Софија, а Чашуле е прв автор кој на ваков начин напишал за македонските црнила, за антимакедонштината. Инспирација за да го напише делото му бил вистински , историски настан, убиството на Ѓорче Петров. Идејата е да се прикаже осуда на моралниот пад, “братоубиство”, забивање на нож во грбот-како честа појава во нашата мрачна историја.

-Видов кревање рака на својот идеал. Усмртувањето на Ѓорчета од македонска рака, а во служба на антимакедонски однародени интереси, за мене станаа симбол на македонските црнила воопшто, кажал Чашуле.

Во антологиската „Црно семе„, за која е снимен и филм, се пишува за судбината група Македонци затворени на пуст остров на Егејското море.  Идејата е дека никакви насилства, физичка и психичка тортура не можат да го скршат човековото достоинство и да му го погазат чувството за национална припадност. Времето на случување е Граѓанската војна во Грција, крајот на четириесеттите години од 20 век (нешто по Втората светска војна). А во оваа книга е запишан и славниот цитат на Ташко Георгиевски.

-Ај потпиши дека си коњ кога не си коњ?, се вели во „Црно Семе“

Како што е познато, по потпишувањето на договорите со Бугарија и оној од Преспа со Грција, Македонија се обврза да интервенира во образованието на децата со отсранување на делови кои би биле навредливи за Атина и Соофија.  За ревидирање на македонската историја по бугарски терк веќе неколку години функционира и заедничката историска комисија. Инаку, ова значи и дека овие две дела нема да бидат дел од државната матура по македонски јазик, која што е иста и за учениците од средните стручни училишта и гимназиите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста