Уставните измени приоритет на власта: Бугарите во Уставот пред економските проблеми на граѓаните

Власта со свои приоритети различни од оние на граѓаните. Внесувањето на Бугарите во Уставот над реалните животни проблеми на луѓето. Единствена тема за владејачката коалиција на лидерската биле уставните измени, не и предлозите на опозицијата да се разговара за помош на граѓаните, во ек на економска и енергетска криза, кога стапката на инфлација стана и повеќе од загрижувачка.

-Жалиме што кај Владата и кај мнозинството нема доволно слух за реалните проблеми на гражаните, па на оваа средба не се разговараше на пример за денешниот податок кој што излезе, а тоа е 20 проценти инфлација или пак за 31 процент зголемени цени на храната и безалкохолните пијалоци и тоа се суштинските проблеми што ги мачат граѓаните како ќе ја поминеме оваа зима, каква е подготвеноста на Владата, изјави Мицкоски.

Лидерската во Собранието не вроди со никаков плод, сите си кажаа што да си кажат, а консензус немаше за ниту една точка. Според лидерот на опозицијата тоа е доказ дека во моментов единствен излез се предвремени парламентарни избори, бидејќи власта не може да го обезбеди потребното мнозинство за отворање на Уставот.

-Логичен слет на настаните е Парламентот да се распушти, да формираме техничка Влада и да одиме на предвремени, тоа беше и од наша страна побарано на денешниот состанок, откако стана очигледно дека немаме  мнозинство да гласа за евентуални уставни измени кои што ги предлага владиното мнозинство. Консензус и консултации се прави пред да се носат одлуки, изјави Христијан Мицкоски.

Албанската опозиција подготвена да гласа за внесување на Бугарите во Уставот, но сака и да го протурка она што нив ги интересира, а тоа е бришење на процентот кога е во прашање Албанскиот јазик. Односно во Уставот да не пишува веќе дека официјални јазици се македонскиот и јазикот кои го говорат 20 проценти од ѓраѓаните, туку македонскиот и јазик и албанскиот јазик, со што дефакто тие стануваат целосно еднакви во државава.

-Мислам дека е коректно нашите сограѓани Македонци да покажат пред се респект кон нивните сожители кои сме 30 проценти од вкупната бројка на жители кои што живеат во Македонија. И мислам дека е достоинствено да се употребува албански јазик а не бројки или проценти, изјави Таравари.

Со уставните измени кои се владин предлог, не се согласува Демократски сојуз, од таму велат би гласале за внесување на Бугарите во Уставот, доколку добиеме реципрочност од бугарска страна, односно признавање на македонското малцинство во Бугарија, внесување на Македонците во нивниот Устав и дозвола за непречено здружување на нашинците таму.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста