Мицкоски: И покрај опструкциите од страна на власта, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ реализираа огромен број проекти

Историски настан каде за прв пат се дава отчет за сработеното со отворен гард, и подготвеност да се бранат своите дела – вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го опиша дводневниот саем под слоганот „промени кои носат иднина. Според Мицкоски, градоначалниците покажале како се работи во услови на тешка криза и реализирале голем дел од ветените проекти и покрај, како што вели, опструкциите од централната власт. Ветувањата, отчетноста и транспарентноста во политиката мора да одат заедно, а соработката помеѓу локалната и централната власт е неопходна – ова се дел од заклучоците од дводневниот саем под слоганот „промени кои носат иднина“. Мицкоски пак со порака, “во иднина мораме да работиме двојно и да покажеме дека не се сите исти“.

„Ова е историски настан, бидејќи за прв пат, за два дена се дава отчет на сработеното, со отворен гард, подготвени се сите да ги бранат своите дела, да кажат она што е сработено. Тоа нема да го видите од СДСМ. Помина една година и тие имаат неколку мина градоначалници, но тоа нема да го видите, нема да видите како се отворени кон граѓаните, како го презентираат тоа што е сработено, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е народна партија, ВМРО-ДПМНЕ е партија од народот, од тука го црпи својот легитимитет и само пред народот одговара. СДСМ, градоначалниците и функционерите се салонски политичари, не одговараат пред народот и нивниот крај доаѓа“, истакна Мицкоски.

Голем дел од градоначалниците велат дека затекнале катастрофална финансиска состојба кога стапиле на функциите, а дополнителен проблем создаде и намалувањето на дотациите – пари од буџетот кои беа наметени за општините. Сепак, биле задоволни од сработеното.

На дводневниот саем акцент се стави и на моменталната економска и енергетска криза, пакетот мерки кои го предложи ВМРО-ДПМНЕ, подобрување на бизнис климата, локален економски развој, можноста да се одвои поголем буџет за општините.

Проектите на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во вредност од 120 милиони евра, главно се однесуваат на патната инфраструктура, образованието, реконструкција на училишта и инвестиции во водоводни и канализациони мрежи.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста